Вака изјави Сашо Мијалков пред три години кога за прв пат беше прогласен за виновен во предметот Титаник 2 за изборни нерегуларности во 2013.
Заедно со него, виновни беа прогласени и лидерот на ДПА, Мендух Тачи и Бедредин Ибраими. Меѓутоа, најверојатно Мијалков нема да ја отслужи казната затвор ниту за ова кривично дело.
По 9 месеци откако Кривичен ги изрече казните за Мијалков и другите обвинети, Апелација ги укина пресудите со што го врати предметот на повторно судење.
И додека постои опасност делото на Мијалков за 4 месеци да застари, денешното рочиште за овој предмет беше откажано.
Мијалков од затворот во Струга не беше донесен во Кривичниот суд. Од затворот во Струга велат дека станува збор за техничка грешка со датумите од страна на Кривичен суд.
„Во нашата институција сме примиле наредба за спровод на осудениот Сашо Мијалков на 28.11.2022 година за одредено судско рочиште на 12.12.2022 година. По оваа наредба ние сме постапиле и сме го испратиле осудениот Мијалков на рочиште. Ова судско рочиште е одложено, и потоа, на 14.12.2022 година во нашата институција пристигна пак барање од Кривичниот суд за истото лице, но, и во ова барање, датумот на судското рочиште е истиот од претходното барање, значи 12.12.2022 година. Значи евидентно е дека станува збор за техничка грешка“, велат од затворот во Струга.
Оваа забуна предизвика недоразбирање меѓу затворот и Кривичниот суд. Од судот велат дека затворот во Струга добил налог за спроведување на обвинетиот на денешното рочиште.
„Во однос на објаснувањето на Затворот Струга дека наредбата се однесува за 12.12.2022 година ( кога се одржала последната расправа), особено е важно да се истакне дека Затворот истата ја примил на 14.12.2022 ( евидентно од повратницата) па нејасно е како би ја спровеле наредбата два дена подоцна“, велат од Кривичен суд.
Дотолку повеќе што на судењето одржано на 12.12.2022 година во присуство и на обвинетиот, неговите бранители како и спроводната служба од Затворот Струга е нагласено дека следната расправа е насрочена за 22.12.2022 година и сите пристуни се сметаат за уредно повикани.
За да се види каде е пропустот, Управата за спроведување санкции соопшти дека ќе преземе мерки.
„Управата за извршување на санкции ќе ги преземе сите активности кои се во нејзина надлежност и ќе направи вонреден надзор во установата за утврдување на фактичката состојба. Ќе се утврдува одговорност и ќе бидат санкционирани сите кои направиле пропусти, намерни или ненамерни. За извршениот вонреден надзор, јавноста ќе биде дополнително информирана“, велат од Управата за спроведување санкции.
За предметот Титаник 2, Мијалков беше осуден на 3 години затвор. Според обвинителниот акт, Мијалков преку лидерот на ДПА, Мендух Тачи, за да побара од неговиот сопартиец Бедредин Ибраими, член на ДИК, да гласа за поништување на едно изборно место во Струмица. Следното рочиште за Титаник 2 е закажано на 26 декември.
