Вкупно 36 лица побарале медицинска помош во Клиничкиот центар во Сплит поради повреди здобиени во синоќешниот пожар во близина на Омиш, односно во населеното место Локва Рогозница, пренесува ТВ21.
По укажаната медицинска помош, 14 пациенти се задржани во болница, додека останатите се пуштени на домашно лекување, соопшти болницата.
Седум пациенти се на интензивна нега и се во животна опасност. Уште тројца пациенти се сместени на одделението за интензивна нега, додека останатите се лекуваат на другите болнички одделенија.
Поголемиот дел од пациентите претрпеле изгореници, додека останатите побарале медицинска помош главно поради проблеми со дишењето, предизвикани од изложеност на чад, објавуваат хрватските медиуми.
Клиничко-болничкиот центар во Сплит веднаш ги ангажирал сите расположливи тимови за да обезбеди навремена медицинска помош на повредените. Поради зголемениот број пациенти, на работа биле повикани и вработените кои биле на одмор.
Пожарот уништил голем број куќи, автомобили и чамци, а биле евакуирани и повеќе туристи. Жителите биле евакуирани по копнен пат, но и со чамци и пловни објекти на Капетанијата на пристаништето од загрозените крајбрежни подрачја.
