Археологот и поранешна пратеничка во Собранието, Никица Кoрубин преку својот Фејсбук профил упати низа критики до своите колеги археолози.
Таа објави видео на ТВ21 за археолошкиот локалитет „Скупи“ преку кое ги прашува своите колеги да објаснат според која методологија на истражување, вака изгледа истражуван археолошки локалитет.
Во продолжение целиот текст:
„Се молат колегите археолози, да кажат според која методологија на истражување вака изгледа истражуван археолошки локалитет?
Според која методологија гробните прилози и антрополошки остатоци се оставаат на лице место?
Според која методологија во градежниот шут има делови од архитектура?
Според која методологија се отвора огромна парцела одеднаш, а не сондажно?
Колку време е работено и со колку луѓе, затоа што за ова треба месеци и месеци работа?
Дали овдека е употребена деструктивна технологија (багер) или гробовите се најдени оштетени?
Зошто не се соодветно дислоцирани и заштитени надгробните плочи со натписи, кои се од непроценливо значење?Дали има пронајдено и други недвижни наоди, кои не можат да бидат дислоцирани и што ќе биде со нив?
Дали сте сигурни дека инвеститорот пред вас не ги започна “заштитните археолошки истражувања”?
Кој и зошто брза?
И уште многу други прашања ….Ова колеги не е современо археолошко истражување, ова е пораз за сите нас. Жалосно и потресно …
И колку да ви изгледа страшно, среќа што некој се заинтересира медиумски да го покрие. За да се соочиме самите со себе и со нашиот однос кон културното наследство“, пишува Корубин.
