Претседателот на Фудбалската федерација на Албанија и потпретседател на УЕФА, Арманд Дука, во интервју за ТВ21 рече дека односите со Фудбалската федерација на Македонија отсекогаш биле добри и дека такви ќе останат. Дука изјави дека со Омерагиќ се познаваат одамна.
„Со господинот Масар имам лично познанство, бидејќи тој беше член на извршниот комитет на федерацијата уште во времето кога Хари беше претседател на Фудбалската федерација на Македонија. Тогаш имаше и амбиции да биде претседател на федерацијата, и еден ден тоа и се оствари. Тој е дел од фудбалската заедница, затоа реков дека имаме старо познанство. Тој е поранешен фудбалер и има желба да го развива фудбалот во Северна Македонија. Сигурен сум дека ќе направи добра работа – имаме многу добри односи“, вели Арманд Дука – претседател на ФФШ.
Дука зборуваше и за фудбалерите од Македонија кои играат за Албанија, потсетувајќи на нивните голови во квалификациите за минатото Европско првенство.
„Имаме речиси најквалитетни фудбалери од Северна Македонија. Недим Бајрами постигна гол во Чешка во еден тежок момент за нас — гол што нè задржа во игра и ни го донесе првото место во квалификациите за Европското првенство. Јасир Асани постигна три фантастични голови во квалификациите против Молдавија, Чешка и Полска. Тие го запишаа своето име со својата работа и придонес. И Таулант Сефери, исто така“, изјави Арманд Дука – претседател на ФФШ.
Во врска со цената на билетите за натпреварите на албанската репрезентација, Дука рече дека сè додека побарувачката е толку голема, цената е разумна.
