Армијата одбележа 30 години постоење – „Ќе има поголемо вклучување на немнозинските етнички заедници“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со свечена церемонија македонската армија го прослави 30-тиот роденден. Свеченоста се одржа во касарната Илинден во Скопје, а се обратија претседателот на државата, Стево Пендаровски, министерката за одбрана Славјанка Петровска и началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски.

Претседателот Пендаровски во своето обраќање зборуваше за почетоците на армијата и нејзиниот напредок во текот на годините. Претседателот потсети дека во изминатиот период во трансформацијата на Армијата имало и ќе има поголемо вклучување на жени и припадници на немнозинските етнички заедници во државата.

„Во неа сите наши етнички, верски и јазични разлики се обединети во лојалноста кон нашата заедничка татковина. Важен дел од трансформацијата на армијата беше а ќе биде и понатаму се поголемата вклученост на припадниците на немнозинските етнички заедници и на жените во сите армиски структури на сите нивоа, вклучително и во специјалните единици. Притоа врвни критериуми за регрутација и напредување остануваат да бидат професионалните квалитети, посветеноста кон војничката професија и личниот интегритет“, вели Стево Пендаровски.

На денешната прослава, со Орден за воени заслуги беше одликуван првиот министер за одбрана Трајан Гоцевски. На свеченоста претседателот Пендаровски го унапреди полковникот Сашко Лавчиски, досегашен командант на Првата пешадиска бригата на Армијата, во бригаден геренал. Министерката за одбрана пак, Славјанка Петровска во својот говор, се осврна на успесите на Армијата како партнер во меѓународните мисии и ја направи Северна Македонија да биде почитувана држава во НАТО и во Европската Унија.

„Силната корелација помеѓу безбедностните ризици и закани, состојбата во регионот и на европскиот континент треба добро да се искористат. Министерството за одбрана останува посветено во спроведување на сите мерки и активности кои се предвидени во долгорочниот план за развој на одбранбените способности, но и стратешкиот концепт на НАТО, како и концептот МКД одбрана 2030“, посочи Славјанка Петровска.

30-годишното постоење на Армијата беше одбележано со свечено дефиле на ешалони составени од припадници на сите команди и единици на армијата. Јубилејот го прославува во време кога земјата е веќе две години членка на НАТО.