Арсовска го дели „колачот“ во Град Скопје – досега ниту една управа за Алијанса и Алтернатива

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Алијанса за Албанците и Алтернатива како коалиција на локалните избори ја поддржаа Данела Арсовска за градоначалничка на Град Скопје. Новата градоначалничка почна да го дели градскиот „колач“ што се однесува до јавните претпријатија, но досега не назначила ниту еден директор од редовите на АА и ААА. Сепак по изборите, Зекирија Ибрахими, од ААА, во Клик Плус, изјави дека ќе ги земат сите управи со кои досега раководеше ДУИ.

„Ние сме заинтересирани за да ја имаме „Комунална хигиена„ и „Паркови и зеленило“ и да имаме висока функција во „Водовод и Канализација““, истакна Зекирија Ибрахими.

Но, во ЈП „Паркови и зеленило“ на местото на Ардијан Муча е назначен Ангел Сотировски од ВМРО-ДПМНЕ.

Арсовска досега назначила 6 нови директори, а ниту еден од нив не е од редовите на АА и ААА. Засега остана само „Комунална Хигиена“ но од АА велат дека немаат конкретна цел.

„Немаме одредени цели бидејќи секое претпријатие бара одговорност и стручност. Така да без разлика на тоа за која управа ќе се договориме за да раководиме, ќе биде пред се за да раководиме на најдобар можен начин со цел скопјани да бидат задоволни од раководењето на Алијанса“, посочи Бујаре Абази.

Додека Арсовска назначува нови директори, од Алтернатива велат дека досега не преговарале за поделба на локалната власт.

„До сега не сме имале преговори за поделба на локалната власт во тие општини каде имавме реципрочна поддршка. Следните денови можно е да имаме комуникација за поделбата на одговорностите каде ние како Алтернатива сме дале поддршка“, вели Орхан Муртезани.

ТВ21 разговараше со актуелниот директор на Комунална Хигиена, Абдулсамед Шабани. Тој рече дека деновиве ја очекува одлуката за негово разрешување. Истото така се очекува и разрешувањето на Сермине Пурини, од КИЦ, а ќе се сменат и директорите на ЈП „Водовод и Канализација“ и „Градски паркинг“.

Арсовска досега назначи нови директори во ЈП „Паркови и зеленило“, ЈП „Улица и Патишта“, ЈСП, ЈП „Дрисла“ и ЈП „Лајка“.