Арсовска не планира да се бори за втор мандат: Не сакам никогаш повеќе да работам со луѓе кои само саботираат и блокираат

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, потврди дека нема да се кандидира за нов мандат. Во изјава за медиумите денеска, по примопредавањето на шест нови еколошки автобуси за ЈСП, таа истакна дека политичката атмосфера во државата е премногу поларизирана и дека не сака да соработува со оние кои се фокусирани само на саботажа и блокирање на процесите.

„Би сакала да им посакам барем еднаш да покажат дека она што го ветуваат може и да го реализираат. Тогаш можеби ќе имаат поддршка на следните избори. Кога јас се кандидирав за градоначалник, ја имав поддршката од ВМРО-ДПМНЕ, но за жал, оваа партија не успеа да се надмине во своето раководство. Суетите беа преголеми за да дозволат некој да работи без да му кажуваат што да прави. Благодарам, но јас не сакам никогаш повеќе да работам со луѓе кои само саботираат и блокираат,“ изјави Арсовска.

Во однос на прашањето дали новите автобуси се дел од предизборната кампања за локалните избори, Арсовска нагласи дека не планира да влезе во политички дискусии, но увери дека граѓаните ќе можат да проценат кои се оние што навистина се обиделе да ги решат проблемите со јавниот превоз во изминатите три години.

„Ако некој вели дека ќе го реши овој проблем по локалните избори, прашајте го зошто не го решиле досега. Советот имаше можност да донесе одлука за набавка на нови автобуси пред три години. Ако тоа беше можно без одлука на Совет, автобусите ќе беа набавени веќе,“ нагласи Арсовска.