Многу зборови, многу ветувања и слики, но асфалтирањето на 2 километра на автопатот Скопје – Блаце се уште не е започнато иако првата фаза треба да заврши во декември 2021. На терен може да се видат багери и камиони кои копаат за израмнување на земјиштето.
„Помина речиси една година од почетокот на изградбата на автопатот Скопје – Блаце, а веќе работите почнаа да се интензивираат бидејќи поминаа уште 7 месеци до завршување на првата фаза од овој автопат.“, јавува репортерката на ТВ21.
Двата први километри од овој автопат ги реализира претпријатието Гранит кое го ангажираше ЈП Државни патишта. Од таму велат дека работите се во тек и дека се се одвива според планот и договорот за изградба на патот.
„Работите почнаа на 27.07.2020, а рокот е 18 месеци од почетокот на работата. Имајќи предвид дека изградбата во овој момент тече согласно договорите, очекуваме првата фаза да заврши во рамки на временскиот период предвиден со договорот.“, соопштија од ЈП Државни патишта.
Од Владата информираат дека во јуни оваа година се очекува да започнат процедурите за изградба и на вториот дел од автопатот Скопје – Блаце. Средствата за другите 10 км ќе се обезбедат преку Европска банка.
