По насилните протести и грабежите во Франција, на платформата за продажба на користени производи „Винтед“ (Vinted) се појавиле бројни огласи за предмети за кои постои сомневање дека се украдени од продавници, објави „Блумберг“.
За време на викендот, протестите против високите трошоци за живот ескалирале во грабежи на продавници низ Франција. На социјалните мрежи се појавија снимки од ограбени продавници на луксузните брендови „Луј Витон“, „Бурбери“ и „Селин“, додека од „Сефора“ потврдија дека демонстранти насилно влегле во неколку нивни продажни објекти.
На „Винтед“ биле огласени парфеми, чанти, козметика, па дури и картички „Покемон“, за кои се сомнева дека потекнуваат од грабежите.
Од компанијата соопштија дека презеле итни мерки за откривање и отстранување на сомнителните огласи, како и дека го засилиле надзорот врз платформата.
„Активно соработуваме со органите за спроведување на законот и француските власти“, соопштија од „Винтед“.
Платформата, основана во Литванија во 2008 година, денес е една од најголемите европски компании за онлајн продажба на користени производи, со проценета вредност од девет милијарди долари.
