Продолжуваат работите на автопатот Кичево-Охрид, а до сега 95% од просторот е пробиен, но потребно е уште време за негово асфалтирање. Една страна од Требеништа до Охрид се очекува да биде пуштен во август а другата страна на крајот од годината. Се очекува автопатот да биде комплетиран на крајот од 2023. Овие информации ги соопштија директорот на ЈП Државни патишта, Ејуп Рустеми и министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
Станува збор за должина од 57км, и вкупна предвидена вредност од 598 милиони евра. Но директорот Рустеми вели дека не се само 57км, бидејќи, како што додаде, има и многу други работи.
„Да ве потсетам дека сегментот од автопатот Кичево-Охрид се состои од пет подделници, со вкупна должина од 57км и вкупна предвидена вредност од 598 милиони евра. Почитувани, Кичево-Охрид не е само автопат во должина од 57км, туку паралелно се градат уште 30 километри паралелни пристапни патишта, клучки, а се градат уште шест девијации за локални патишта“, вели Рустеми.
Изградбата на автопатот Охрид-Кичево започна во 2014 година, првично требаше да заврши во 2018 година, потоа рокот беше поместен за јуни 2021 година, а потоа до крајот на 2023 година. Требаше да чини 378 милиони евра, но сумата стана двојно повисока, близу 600 милиони евра. Изградбата на автопатот Кичево-Охрид е дел од Коридорот 8 ја опфаќа делницата Тетово-Гостивар-Букојчани и проектот за автопатот Требеништа-Струга-Ќафасан, како и коридорот 10Д, односно делницата на автопатот Прилеп-Битола.
