Седлоски: Јас сум борец, не се предавам – одигравме одлично во првото полувреме

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Гоце Седлоски на прес конференција по натпреварот порача дека тој е борец и не се предава.

„Одигравме одлично прво полувреме сè до примениот гол, но направивме индивидуални грешки, а селекција како Швајцарија таквите работи не ги простува. Во првиот дел создадовме две-три добри можности кои моравме подобро да ги искористиме. Од друга страна, видовме дека Швајцарците и од мал простор знаат да ја казнат секоја грешка и да стигнат до гол. Им честитам за победата, се работи за квалитетна репрезентација, но мислам дека во првото полувреме покажавме дека можеме да се носиме и да играме против ваков противник. Проблем за нас е и тоа што дел од фудбалерите немаат доволна минутажа во своите клубови. Сепак, задоволен сум од она што го покажаа играчите“, вели Седлоски.

Како што вели, практично на сите офанзивни фудбалери им дал можност.

„Швајцарија е силна репрезентација и против ваков противник, кога ќе добиеш шанса, мора да ја реализираш. Од првиот натпревар наваму ги испробав сите напаѓачи, но ни недостига тој гол и, за жал, никако да стигнеме до него. Мора да продолжиме да работиме. Не застанувам и не се предавам. Како фудбалер бев борец, а таков ќе останам и како тренер. Се наоѓаме во тежок период, но нема предавање“, изјави Седлоски.