Автопатот Скопје–Блаце повторно во исчекување, градежните работи доцнат поради бирократски процедури

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Иако беше најавено дека градежните работи за автопатот Скопје–Блаце ќе започнат кон крајот на декември, тоа сепак нема да се случи. Пред три недели, заменик-министерката за транспорт, Калтрина Зеколи Шаќири, во емисијата Click Plus изјави дека само климатските услови можат да ги пролонгираат работите.

„Аплицираа околу 11 домашни и меѓународни компании, а кругот се стесни на три компании кои најмногу ги исполнуваат условите. Она што ме радува е што понудите се во рамките на предвидениот буџет. Дури, некои износи се многу поприфатливи отколку што ние сме замислувале дека ќе ги видиме кога ќе ги отвориме. Можам да кажам дека за многу кратко време, или во рок од еден месец, ќе започнат работите на овој пат. Ова го велам и се надевам дека климатските услови нема да ни создадат потешкотии за да заглавиме можеби до јануари–февруари или до раната пролет, за да започнеме со нова енергија и полн ритам.“, кажа Зеколи-Шаќири.

Денес е 29 декември, градежните работи не се започнати, не поради климатските услови, туку, како што појаснуваат од кабинетот на заменик-министерката, причините за доцнењето се бирократските процедури на финансиската институција и периодот на новогодишните празници.

„Како што е познато, овој проект се финансира делумно со грант и делумно со кредит од оваа банка, додека доцнењето е резултат на бирократските процедури на финансиската институција и периодот на новогодишните празници. Од наша институционална страна, сите процедури се завршени и во моментов очекуваме само финално одобрување од банката. Веруваме дека многу брзо ќе се создадат услови за почеток на градежните работи.“, рече Зеколи-Шаќири.

Инаку, од овој автопат се изградени само првите 2 километри, но ниту тие не можат да бидат пуштени во употреба сè додека не се изгради и преостанатиот дел од 10 километри. За реализација на автопатот се предвидени околу 240 милиони евра, односно приближно 24 милиони евра по километар.