„Довербата не треба да ја бараме, туку треба да ја заслужиме“. Ова го порача кандидатот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Фатон Азизи, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21, нагласувајќи дека интегритетот мора да биде основната карактеристика на идниот раководител на оваа институција.
Азизи истакна дека враќањето на довербата во обвинителството не може да се постигне само со ветувања, туку со конкретни резултати, независност и еднаков третман на сите осомничени.
„Сметам дека првата компонента што секој од нас, односно следниот шеф на ОЈО ГОКК, треба да ја има е интегритетот. Довербата не треба да ја бараме, туку истата треба да ја заслужуваме. Сите ние треба да се гледаме во очи и реално да кажуваме кои се нашите потреби за да ја вратиме довербата“, изјави Азизи.
Тој посочи дека еден од најголемите предизвици за обвинителството е недостигот од финансиски средства и соодветни кадровски капацитети, кои се неопходни за ефикасна борба против организираниот криминал и корупцијата.
Според него, доколку биде избран за шеф на институцијата, првата средба би ја остварил со републичкиот јавен обвинител, со цел да се разговара за обезбедување на потребните ресурси.
„Длабоко сум убеден дека републичкиот јавен обвинител покажува огромна желба, амбиција и одлучност да се бори за јавното обвинителство, за да ги добие средствата кои се неопходни за обвинителството да ги даде резултатите што реално се очекуваат“, нагласи Азизи.
Како еден од клучните приоритети го издвои зајакнувањето на истражниот центар, кој, според него, мора да биде соодветно екипиран за обвинителите успешно да се справуваат со сложените предмети.
„Нам ни треба истражен центар кој е екипиран, за јавниот обвинител со луѓето околу себе да може да се справува со сите предизвици што ги наметнува работата“, рече Азизи.
Тој нагласи дека идниот шеф на Обвинителството мора да биде независен од какви било центри на влијание и да обезбеди еднаков третман во кривичниот прогон.
„Кредибилен обвинител со интегритет, кој нема да биде продолжена рака на одредени центри, обвинител кој ќе испорача правда и каде што секој осомничен нема да има статус на мал или голем осомничен“, порача Азизи.
Кандидатот истакна дека во обвинителството работат квалитетни и посветени обвинители, но дека недостигот од соодветен стручен и истражен кадар ја ограничува нивната ефикасност.
Азизи направи и споредба со обвинителствата во регионот, посочувајќи дека преку учеството на меѓународни конференции има можност да ги согледа разликите во капацитетите и условите за работа.
Според него, за обвинителството да испорачува резултати и да ја врати довербата на граѓаните, неопходни се силен интегритет, финансиска поддршка, екипирани истражни центри и обвинители кои ќе постапуваат независно, без оглед на моќта или влијанието на осомничените.
