Различните ставови меѓу јавните обвинители и нивните претпоставени не треба да бидат пречка во работењето, туку можност за професионална дискусија и носење законити одлуки. Ова го порача кандидатот за шеф на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, Фатон Азизи, во емисијата „Клик Плус“ на ТВ21.
Азизи истакна дека во обвинителската практика неретко се случуваат несогласувања околу правната квалификација на одредено дело, па дури и околу прашањето дали воопшто постои кривично дело.
Според него, во такви ситуации раководителот не треба однапред да го отфрли ставот на обвинителот, туку да побара детално образложение за преземените дејствија и донесените заклучоци.
„Во таква ситуација најпрво би побарал обвинителот да реферира, да ги каже сите преземени чекори и дејствија и да објасни зошто оформил таков став по одредено прашање“, изјави Азизи.
Тој нагласи дека секоја обвинителска одлука мора да биде во согласност со законите, внатрешните упатства и воспоставените правни ставови во Јавното обвинителство.
„Секој став треба да го положи тестот дали одлуката е во согласност со законот, со внатрешните упатства и со ставовите во Јавното обвинителство“, посочи Азизи.
Кандидатот за шеф на Обвинителството за организиран криминал и корупција истакна дека, доколку биде избран, ќе се залага за работна средина во која обвинителите ќе можат слободно да ги образложуваат и бранат своите професионални ставови.
„Ќе бидам раководител кој секој јавен обвинител ќе го поттикнува и охрабрува да го брани својот став, затоа што само храбри обвинители со интегритет ѝ се потребни на институцијата, а и генерално на општеството“, нагласи Азизи.
Според него, професионалната самостојност подразбира обвинителот да може аргументирано да го застапува својот став, но истовремено и да ја докаже неговата законска основаност.
Азизи порача дека во раководењето со Обвинителството ќе се води од законитоста, професионалната аргументација и интегритетот на обвинителите, особено во ситуации кога постојат различни правни толкувања во рамките на институцијата.
