ОН полнат 81 година: „Соработка наместо конфронтација“ – пораката на Гутереш во свет на војни и кризи

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Обединетите нации одбележуваат 81 година од основањето, со повик за почитување на меѓународното право, мирно решавање на конфликтите и обновување на довербата во мултилатералната соработка. Но, додека организацијата на Денот на Обединетите нации ги слави своите достигнувања, војните, климатската криза и геополитичките поделби го отвораат прашањето колку е ефикасен меѓународниот систем во справувањето со денешните предизвици.

Гутереш: На светот му се потребни ОН повеќе од кога било

Во пораката по повод Денот на ОН, генералниот секретар Антонио Гутереш повика државите повторно да се посветат на вредностите врз кои е создадена организацијата – мирот, развојот и човековите права. „Иднината на човештвото зависи од нашата способност да работиме заедно за унапредување на мирот, развојот и човековите права“, нагласи Гутереш.

Тој предупреди дека светот е потресен од конфликти, климатската криза и растечките нееднаквости, додека технолошките промени се одвиваат побрзо отколку што општествата успеваат да ги регулираат. „Дијалог наместо поделби. Соработка наместо конфронтација. Солидарност наместо страв“, порача генералниот секретар на ОН.

Гутереш ги повика сите држави да ја обноват посветеноста на Повелбата на ОН и меѓународното право, нагласувајќи дека организацијата мора да се зајакне за подобро да им служи на луѓето и да одговори на предизвиците на современиот свет.

Од идејата за мир до организација со 193 членки

ОН се основани по Втората светска војна, со цел да се спречи повторување на катастрофалните конфликти и да се создаде меѓународен систем заснован на соработка и мирно решавање на споровите. Повелбата на ОН беше потпишана на 26.06.1945 во Сан Франциско од 50 држави, ОН официјално почна да постои на 24 октомври 1945 година, кога Повелбата беше ратификувана од потребниот број држави, вклучувајќи ги петте постојани членки на Советот за безбедност.

Денот на ОН се одбележува од 1948 година, а во 1971 Генералното собрание препорача земјите членки да го прогласат за државен празник. Денес ОН имаат 193 земји членки. а организацијата работи на одржување на меѓународниот мир и безбедност, заштита на човековите права, хуманитарна помош, развојна соработка и справување со глобалните предизвици. И покрај широката улога, ОН често е критикувана поради ограничената способност да ги спречи војните и да донесе одлуки кога интересите на големите сили се спротивставени.

Денот на ОН традиционално се одбележува со концерти, дипломатски собири, културни програми и активности за промовирање на мирот, човековите права и одржливиот развој. Во Њујорк, Женева, Виена и Најроби – главните центри на организацијата, овој ден е можност да се истакне работата на ОН и да се отвори дебата за нејзината улога во современиот свет. Една од најпрепознатливите глобални иницијативи е осветлувањето на познати објекти и знаменитости во сина боја – бојата на ОН, како симбол на мирот, единството и меѓународната соработка.