Бајден или Трамп, кој ќе победи? – Американците избираат претседател

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Ова е селото Диксвил Ноч со само пет гласачи. Избирачките места беа отворени нешто по полноќ, а неколку минуити подоцна беа затворени, откако сите запишани во избирачкиот список го искористија своето право на глас.

Селото Диксвил Ноч се наоѓа во државата Њу Хемпшир покрај границата со САД и Канада. Жителите се гордеат што се првите луѓе што гласале на денот на изборите.

„Избирачите на Диксвил се собираат на полноќ буквално да ги предадат првите гласачките ливчиња на нацијата. Тоа е чест. И, како што споменав, тоа е привилегија во која учествуваше оваа заедница, сега веќе шест децении. Оваа година имаме пет гласачи, пет регистрирани гласачи“, посочи Скот Транчмонтеж.

Поради пандемијата на коронавирусот, повеќе од 95 милиони Американци гласаа однапред на изборите, од кои повеќе од 60 милиони по пошта. Федералните држави утврдија различни рокови за испраќање на завршени гласачки ливчиња, што, во случај на неизвесна трка, може да доведе победникот да не биде познат ноќта на изборите.

Конечниот резултатот може да се очекува најрано в четврток или в петок.

Изборниот систем во САД е единствен, бидејќи не мора да победи кандидатот кој ќе освои најмногу гласови на ниво на целата земја, но кој „собира“ најмалку 270 од 538 т.н. електорски гласачи.

За да остане во Белата куќа, Трамп мора да победи во сите „колебливи држави“ во кои, според анкетите и обложувачниците, или е изедначен со Бајден, како во Флорида, Северна Каролина, Аризона или е фаворит, како Тексас, Охајо, Ајова, Џорџија. Но,  исто така мора да задржи две од трите клучни држави на средниот запад Пенсилванија, Мичиген, Висконсин или една од нив под услов да не е Висконсин.

Одлучувачка држава, како и секогаш кога трката е неизвесна, може да биде Флорида. Доколку Бајден ја освои Флорида, неговата изборна победа е скоро сигурна, додека на Трамп му треба таа држава за да остане во трка.

„И, доколку не звучам како типичен политичар од Вашингтон, тоа е затоа што … благодарам, јас не сум политичар. Јас не играм секогаш според правилата на Вашингтон и вашингтонскиот естаблишмент, затоа што сум избран да се борам за вас и се борам за вас посилно отколку што некој досега се борел за вас порано“, посочи ДОналд Трамп.

„Милиони Американци веќе гласаа, близу 100 милиони и милиони повеќе ќе гласаат утре. И мојата порака е едноставна, моќта за промена на оваа земја е во ваши раце … во ваши раце“, вели Џозеф Бајден.

Според анкетите на јавното мислење веројатноста дека Бајден ќе го победи Трамп се движи помеѓу 80 и 95 проценти. Букмејкерите, кои исто така ги темелат своите предвидувања врз уплатите на играчите, и му даваат предност на Бајден околу 65 проценти.