Бактерија во десертот веројатно е причина за труењето на децата од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“ во скопски Аеродром

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Бактерија во десертот „бомбици“ кои го конзумирале децата од ОУ „Ѓорѓија Пулевски“, најверојатно е причина за труење на деца. Резултатите од анализите направени од страна на ИЈЗ покажале присуство на бактеријата „стафилококус ауреус“. Оваа бактерија укажува на нехигиена. Најдени биле од примерок земен од садовите и од работната површина во кујната.

„Од мострите храна, од испитуваниот примерок – бомбици, најдено е Стафилококус Ауреус и ентеротоксин позитивен, од сите брисови што се земени од површините и од садовите, само на еден сад било најдено зголемен број аеробни меозфилни бактерии што, нагласи Андоновска, укажуваат на нехигиенски услови. Брисевите од раце на сите вработени ги задоволуваат хигиенските стандарди. Брисевите од грло и нос на вработените се негативни, изјави Д-р Марија Андоновска, в.д директор на ИЈЗ, пренесува Сител.

Од ИЈЗ најавија дека ова официјално ќе го достават до надлежните здравствени институции и АХВ.

Кујната на училиштето беше затворена во петокот од ДСЗИ.

Минатата недела 140 ученици се пожалиле на симптоми на труење, односно дијареа, повраќање, стомачни болки, а дел имале и покачена температура.