Ќе има или не Закон за правична застапеност кој ќе го замени балансерот? Првиот вицепремиер Изет Меџити и министерот за јавна администрација Горан Минчев пред јавноста излегоа со ставови кои отвораат сомнеж.
Меџити вели дека за ваков закон има согласност во владината коалиција.
„Имаме политички договор тоа да се среди со Закон за правична застапеност“, вели првиот вицепремиер Изет Меџити.
Сепак, неодамна Минчев кажа дека ова ќе зависи од одлуката на Уставниот суд.
„Јас во овој момент не би можел да кажам дали ќе има ново, или пак каква ќе биде содржината на тоа законско решение. Секако, би ја почекал, а секако и Министерството за јавна администрација, конечната одлука на Уставниот суд. Во зависност од тоа каква ќе биде ние би пристапиле кон евентуално ново законско решение“, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Од друга страна, Меџити во интервју веќе сподели и детали за контурите на Законот за правична застапеност. Но, Минчев нагласи дека носител на такво законско решение би било Министерството кое тој го предводи.
„Само треба да најдеме начин евентуално да има некоја евиденција на етничка припадност во администрацијата, без да се косиме со приватноста на информациите“, вели првиот вицепремиер Изет Меџити.
„Законот не е во подготовка. Министерството за јавна администрација е носител на овие две законски решенија. Јас се надевам дека во рамки на владината коалиција ќе имаме отворена дебата“, изјави министерот за јавна администрација Горан Минчев.
Уставниот суд времено го запре користењето на балансерот до конечната одлука за уставноста на законските одредби со кои се овозможува етничката припадност да е услов за вработување. Од Министерството ја јавна администација информираа дека наскоро сите институции ќе добијат упатство како да постапуваат до конечната одлука. Оттаму не споделија повеќе детали.
