В недела во Тетово ќе се одигра фудбалски натпревар меѓу ФК Шкендија и ФК Шкупи, а скопската навивачка група „Шверцери“ бараат да им биде дозволено организирано да патуваат во Тетово.
-Имаме меч Шкендија-Шкупи. Би го замолил клубот, екипата на Шкендија да ни дозволат да отидеме во Тетово. И „Балистите“ нека бидат таму, вели Јусуф Рамадани од навивачката група „Шверцери“.
„Балистите“ на Шкендија не се против присуство на навивачи. Велат дека се разочарани поради тоа што надлежните органи не можат да гарантираат безбедност на натпревар со 15 илјади навивачи.
-Не е нормално да не се гарантира и да не се обезбедува фудбалски натпревар, со присуство на околу 15.000 навивачи! Ги повикуваме: Фудбалската федерација, Министерството за внатрешни работи и раководството на нашиот клуб, да дозволат присуство на навивачи-гостини и во Тетово, за и ние да бидеме присутни со нашиот црвено-црн тим на секој гостински стадион!, велат од навивачката група „Балисти“.
ТВ21 праша и во ФФМ – каде стои проблемот во однос на забраната за присуство на навивачи-гостини на трибините? Од таму со одговор:
-ФФМ секојпат е на став дека на фудбалските натпревари навивачите треба да присуствуваат, бидејќи фудбалот се игра за навивачи, но од безбедносни причини ова понекогаш не е можно. За ова прашање надлежно е МВР и организаторот на мечот, во случајов ФК Шкендија, велат од ФФМ.
Став побаравме и од МВР, но од таму ни рекоа не се надлежни:
-МВР, односно СВР-Тетово може да обезбеди секаков вид натпревар кој се одржува во тетовскиот реон, но кога станува збор за конкретниот меч и најавата за доаѓање на навивачи-гостини во Тетово, надлежни се ФФМ и ФК Шкендија, како домаќин на натпреварот, велат од МВР.
Се обидовме да стапиме во контакт и со ФК Шкендија, но до ова информативно издание не добивме повратен одговор. И додека топката си ја префрлаат едни меѓу други околу тоа кој треба да одлучи за присуството на навивачите на трибини, до мечот Шкендија-Шкупи нѐ делат уште само неколку дена. Инаку, ФК Шкупи веќе е прогласен за првак, а Шкендија се бори да обезбеди позиција која води кон Европа. Двата клуба во моментов имаат најактивни навивачки групи во земјава.
