Владата по втор пат годинава ја прекрои државната каса. Се кратат и приходите и расходите во буџетот за по 86,2 милиони евра. Според министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, вториот ребаланс не е резултат на проблеми со ликвидноста на Буџетот, туку е усогласување на буџетските проекции со новите економски услови до крајот на годината. Како што потенцира, намалувањето на акцизите на горивата и намалувањето на ДДВ-то за дизелот од 18 на 10 проценти имале директен ефект врз буџетот. Покрај приходите, се кратат и расходи, но и пари за капитални проекти- најмногу во министерството за животна средина и за енергетика.
„Надолната проекција се должи на намалување кај стоките и услугите и субвенциите, како резултат на дисциплинирано и поефикасно трошење, со истовремено обезбедување дополнителни средства за најранливите категории граѓани и за здравствените услуги. Ги намалуваме расходите таму каде што реализацијата е послаба или каде што не станува збор за највисоки приоритети. Но, не штедиме на она што е најважно. Обезбедуваме дополнителни средства за социјално ранливи категории и здравствените услуги. Кај капиталните расходи правиме корекција од околу 5,7 милијарди денари, пред сè поради пролонгирање на динамиката на реализација на одредени капитални проекти“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Кочоска потврди дека пред два дена земјава се задолжила во странство со миниеврообврзница од 150 милиони евра со камата од 5,25%. Кажа дека тоа е во рамките на предвиденото задолжување за годинава. Рече дека иако на влада поминала одлука за задолжување од 250 милиони евра, сепак износот е помал поради високите камати на пазарите.
Најави и дека на почетокот на наредната година ќе има ново задолжување за враќање на старата еврообврзница од 500 милиони евра.
„Како мислат 500 милиони евра да ги сервисираме во март. Еве ако имаат некое магично стапче знаат нешто нека дојдат нека кажат. Еве ги повикувам нека кажат нека ми дадат предлог. Како мислат за три месеци да приберете вие пари во буџет, да исплатите плати, пензии и да сервисирате долгови, притоа ја велам 500 милиони евра само по основ на главницата на еврообврзницата, а кај се каматите, кај се каматите на другите кредити, така да тој дел јас воопшто не го коментирам. Нормално е дека мора да има задолжување, затоа што ние сме одговорна влада“, вели Гордана Димитриеска Кочоска.
Со вториот ребаланс, буџетскиот дефицит се задржува на претходната проекција од 4,1 процент од БДП. Останува и проекцијата за раст на БДП од 3,5 проценти и инфлација од 3,5%. Кочоска кажа дека состојбата глобално е многу неизвесна, и најави дека ќе има нови прераспределби од државната каса на крајот од годината.
