Креирајте политики на соработка ако сакате да ги постигнете високите цели, членство во НАТО и ЕУ. Вака апелираше евро –пратеникот од Бугарија Илхан Кучук кој истовремено е и известувач за Македонија во Европскиот Парламент.
„Имате избори а изборите се чувствителни за процесите, но изборите се момент за да ги убедите граѓаните дека е време да ги обедините политичките платформи. Не е важно кој ќе биде во влада а кој во опозиција, важно е да се постигне консензус за иднината. Претстојат сложени реформи. Европа и нејзините институции ќе помогнат колку што можат но реформите се во рацете на политичките реформи. Интегративниот процес е двостран, од една страна се европските институции а од друга политичките елити во земјава.“, рече Кучук.
И хрватскиот евро – пратеник, чија земја во моментов претседава со ЕУ, Тонино Пицула оцени дека Унијата не може без политиките на проширување, затоа се чека со усвојувањето на новата методологија наскоро да започнат преговорите со Скопје и Тирана.
-Кога зборуваме за поддршка, за политиките на проширување на ЕУ, ние зборуваме за поддршка на реформите што треба да се направат. Всушност реформи треба да направи и ЕУ, но јас сум против тезата да се реформира ЕУ, за да продолжат политиките на проширување. Јас мислам дека европскиот проект е отворен и недовршен проект-изјави Тонино Пицула.
Колешката на Пицула, евро- пратеничката од Словенија, Тања Фајон ја гледа Северна Македонија како пример за регионот која заслужува почеток на преговорите, а со тоа ЕУ би добила нова динамика за приближување на Балканот кон ЕУ.
-Ние сме пријатели. Нам ни требаат прогресивни сили за заштита на демократијата и владеењето на правото во нашите држави. Гледаме многу знаци на заробеност и не смееме да го дозволиме тоа, затоа важно е Северна Македонија и Албанија да заслужат почеток на преговорите за проширувањето да добие нова динамика и регионот да го доближиме до ЕУ-вели Фајон.
И екс премиерот Зоран Заев очекува дебата за реформите да се случи паралелно со процесот на проширување на ЕУ. Ова беше кажано на меѓународната конференција “Еден Балкан кон ЕУ“ што се одржа во Скопје, каде се зборуваше за предизвиците со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан на патот кон ЕУ.
