Илон Маск претрпе уште еден правен пораз, по понеделничката одлука во неговата тужба против OpenAI и нејзиниот коосновач Сем Алтман.
Овој пораз е дел од серија судски неуспеси и спогодби што во последниот период го следат најбогатиот претприемач во светот, објави Би-Би-Си.
Претходно, Маск постигна спогодба со поранешни функционери на Твитер и илјадници вработени на платформата, која подоцна ја преименува во „X“, по долгогодишен судски процес поврзан со нивните исплати.
Во март, тој загуби случај покренат од инвеститори на Твитер, кои тврдеа дека биле доведени во заблуда од неговите јавни изјави за време на процесот на купување на компанијата. Во истиот месец, судот ја отфрли и неговата тужба против огласувачите кои одлучија да ја напуштат платформата.
По најновиот пораз против OpenAI, правните експерти се прашуваат дали Маск ќе стане повнимателен во своите судски конфликти. Сепак, според нив, влијанието на овие порази можеби нема да биде доволно за да го промени неговиот пристап.
„Никој не е недопирлив“, изјави Шубха Гош, професор по право на Универзитетот Сиракјуз, додавајќи дека Маск останува бизнисмен кој ги користи судовите за да ги остварува своите права, иако не е сигурно колку е ефикасен во таквиот пристап.
Според други експерти, неговото огромно богатство го прави отпорен на финансиски казни и загуби, па тие тешко можат да влијаат врз неговата одлука да продолжи со правните битки.
„Не гледам дека ќе запре. Изгледа дека никој досега не успеал да му наметне вистински последици за неговите постапки“, изјави Дороти Лунд, професорка на Правниот факултет на Универзитетот Колумбија.
Таа потсети и на казната од 1,5 милиони долари што ја изрече Американската комисија за хартии од вредност (SEC) поради непријавување на купувањето акции на Твитер, нагласувајќи дека за Маск ваквите мерки се речиси занемарливи.
Според Лунд, Маск дејствува без страв од последици:
„Тој го прави она што го сака и често добива само благо предупредување, па зошто би се променил“, додаде таа.
По поразот во случајот со OpenAI, Маск ја критикуваше одлуката на неговата социјална мрежа X. Тој исто така го нарече судијата „ужасен активист“ и најави жалба на пресудата.
