Мицкоски до Беџети: Никој нема ништо против користењето на албанскиот јазик

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Законот за јазиците кој се уште е пред Уставниот суд беше темата на прашањето на пратеникот на Европскиот фронт Блерим Беџети упатено до премиерот Христијан Мицкоски. Тој рече дека Венецијанската комисија се изјаснила дека европските стандарди за користење на јазиците се минимални и дека државата може да даде можност за пошироки права и го праша премиерот дали размислува да обезбеди поголеми институционални капацитети за негова примена.

„Кога истата комисија истакнува дека стандардите се минимални и државата може да понуди поголеми јазични права дали ќе го почитувате и овој дел или и Венецијанската комисија е добра кога политички ви одговара. Убеден сум дека во вашето прашање одговор треба да прифатите,  Дали сте подготвени дека дебатата не треба да биде за постоење на законот, туку за неговите капацитети за функционирање на институциите“, вели Блерим Беџети.

Премиерот Мицкоски рече дека никој, а особено тој не е против користењето на албанскиот јазик, а го обвини Беџети дека ги злоупотребува ваквите етнички теми за, како што рече, да игра на ситен популизам.

„Венецијанската комисија друго зборува, друго вие цитирате, Венецијанската комисија дава негативно мислење и дава препорака во своето мислење во членот 102 да се напушти примената на двојазичноста во правосудниот систем. Луѓето во 21 век на Марс се качија а вие се обидувате со ситен би рекол популизам мислејќи дека на тој начин ќе добиете некакви поени“, вели Христијан Мицкоски.

Беџети постави прашање и до министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ што направил на унапредувањето на меѓуетничките односи наместо она што постојано го прави за зближување со Република Српска. Стоиљковиќ го покани во министерството во кое како што рече не е отпуштен ниту еден Албанец како што тие обвинуваат, а и извештајот на Вајц укажува дека има исклучително позитивни чекори во прашањето на малцинствата.