Извори на ТВ21 од Алтернатива неофицијално тврдат дека Беким Сали ќе дојде на местото на Филипче во Министерството за здравство. Истите извори известуваат дека наскоро се очекува да се постигне конечен договор за ова прашање. Беким Сали за ТВ21 вели дека не е лесно да се постигне договор бидејќи освен на СДСМ, потребна е и согласноста на ДУИ.
„Се уште сме во процес на преговори и не можам да дадам точна изјава бидејќи се може да се смени. Ако имавме коалиција само со СДСМ би било полесно, но ние разговараме со нив а тие треба да се координираат и со другите партнери со кои се во владина коалиција.“, вели Беким Сали.
Иако од партијата нема ништо официјално, внатре партиски извори велат дека лидерот на Алтернатива, Африм Гаши, побарал од премиерот и вицепремиерска функција.
Од партијата ниту ги потврдија ниту ги отфрлија овие информации, само рекоа дека се уште траат преговорите и дека нема конкретна понуда.
„Моментално ги финализираме принципите на заедничкото владеење и програмскиот дел. Потоа следи делот на ресори и кадровска политика. Моментално додека зборуваме нема ниту понуда, ниту конкретно барање што се однесува до функциите кои треба да ги има Алтернатива во следната влада.“, велат од Алтернатива.
Лидерот на Алтернативата, Африм Гаши, по вчерашната средба со премиерот Зоран Заев, на која беше придружуван од Сали, рече дека добил овластување од раководството на партијата да ги започне преговорите за да станат дел од Владата. Запрашан кои позиции во извршната власт ќе ги бара Алтернатива како услов за да станат дел од парламентарното мнозинство, Гаши рече дека позициите не се важни.
„Не е работата во нашите барања, рековме дека прво ќе го слушаме нивниот концепт, а потоа како партија ќе разговараме дали се совпаѓаат нашите концепти. За нас е важно земјата да излезе од криза, но ќе треба да се гледаме и себеси како една од алките, како дел од мозаикот, која и помага на земјата да излезе од овие кризи кои ги спомнав.“, изјави Гаши.
Инаку во текот на ова недела се очекува следната средба Заев – Гаши, каде ќе се разговара официјално за распределбата на ресорите и кадровските прашања.
