Не се точни предвидувањата дека до крајот на годината ќе имаме пораст за 50% на цените на прехранбените производи, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши. Додаде дека будно ја следат ситуацијата и доколку има ценовни шокови, тогаш како министерство ќе интервенираат веднаш со замрзнување на цените.
„Ако има ценовни шокови веднаш ќе постапиме повикувајќи се на Законот за трговија и за големопродажба и за малопродажба како што веќе направивме претходната година кога не дозволивме енормно зголемување на цените со што граѓаните ќе платеа поскапо, посебно кога зборуваме за основните производи кои се дел од потрошувачката кошница“, истакна Крешник Бектеши.
Министерот Бектеши изјави дека до крајот на годината нема да има ниту енергетска криза.
„Стојам зад тоа дека нема да имаме енергетска криза во нашата земја имајќи предвид дека работиме во зголемување на капацитетот на домашното производство со пуштање во употреба и на третиот блок и тоа подразбира дека во текот на зимата ќе ги покриеме потребите на граѓаните“, додаде Крешник Бектеши.
Премиерот Зоран Заев тврди дека државата финансиски е во стабилна состојба и дека се подготвени да интервенираат доколку продолжува зголемувањето на инфлацијата и доколку се појави потреба, извршната власт ќе ги активира државните резерви.
Минатата година Министерството за економија ја замрзна цената на лимонот и портокалот поради постојаното поскапување бидејќи се работи за увезени производи. Инаку, Народната банка вчера објави дека ќе ја ревидира стапката на инфлација и ќе ја зголеми од досега проектираната 2,2 проценти. Сепак, од Народната банка велат дека зголемувањето на цените ќе биде умерено и нема да има големо влијание врз крајните цени и потрошувачи.
