Бензините поевтинија, дизелот по старо – Трамп ја здрма цената на нафтата, економистите со порака: Владата да не носи ад хок мерки

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со одлука на Регулаторната комисија за енергетика, бензинот поевтини, дизелот остана со иста цена, а малку поскапи Екстра лесното масло, додека мазутот поевтини. Бензините, БС – 95 поевтини за 2,5 денари за литар, БС – 98 за три денари, додека дизелот остана со иста цена.

Ова се должи бидејќи референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар бележат намалување кај бензините, а кај дизелот зголемување. Но, денеска светот се разбуди со цена од 116 долари за барел, по изјавата на претседателот на САД Доналд Трамп дека е можна ограничена копнена интервенција во Иран. 

„Да бидам искрен со вас, мојата омилена опција е да ја земеме нафтата во Иран, но некои глупави луѓе во САД велат: „Зошто го правите тоа?“  Но, тие се глупави луѓе. Можеби ќе го преземеме островот Харг, можеби нема. Имаме многу опции.“, вели Доналд ТРамп.

Ако се случи ова тоа ќе значи дополнителна ескалација на кризата која започна на 28 февруари со нападот на САД и Израел врз Иран. Според универзитетскиот професор Марјан Петрески, во изминатиов период кризата се немаше прелеано во македонската економија.

Но за разлика од пред една или две недели, сега ризикот не е само ценовен, туку станува се повеќе реален и повеќе вграден во очекувања, не само кај енергенсите, туку и кај транспортните трошоци и реакцијата на финансиските пазари. Петрески смета дека иако имаме мал фискален простор поради висината на јавниот долг, владата може да се преземат мерки. Но, тие да не бидат ад хок и фискално скапи интервенции. Не треба да се универзални и линеарни, туку насочени.

„Пример за таргетирана мерка е кажеме да се доделат ваучери за набавка на нафтени деривати или ваучери за покривање на потрошувачката на други енергенти или ваучери за набавка на храна на делови од популацијата кои што оперираат под границата за сиромаштијата или во некој ранлив сегмент, не е неопходно под границата на сиромаштијата, но нешто околу таа граница. Бидејќи, вообичаено за таквите домаќинства, учеството на овие трошоци во нивната вкупна потрошувачка кошничка е многу големо и затоа тие ударот од кризата би го почувствувале најмногу.“, вели Марјан Петрески.

Петрески вели дека треба да се следат надворешните ризици со цел да се одржи макроекономската стабилност, во тесна координација помеѓу монетарната и фискалната политика. Според него, намалувањето на данокот на додадена вредност за нафтените деривати е особено релевантна во вакви услови.