Берлин очекува храбри чекори – Муцунски: Ќе бараме решенија со новата Влада во Бугарија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Без промена на Уставот не може да се продолжи пристапниот процес, истакна шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок, по средбата со министерот Тимчо Муцунски во Берлин. И покрај пораките од Бугарија дека дијалогот за евроинтегративниот процес треба да се води со Брисел, а не со Софија, Муцунски нагласи дека се чека нова влада кај соседите. Тој додаде дека власта е свесна за потребата од компромис за да се движи државата напред, но и покрај досегашните компромиси Македонија постојано имала неизвесности на патот кон ЕУ.

„Да бидеме проактивни, да нудиме решенија, да нудиме предлози… Се надеваме дека по изборите во Бугарија ќе се формира политичка Влада и со таа Влада заеднички да седнеме и наоѓаме рационални решенија за иднината на регионот“, порача Тимчо Муцунски.

„Најважните интеграциски процеси се кога политички одговорните имаат храброст да настапат и против она што е јавното мнение. Ние заедно можеме прашањата коишто се отворени помеѓу Северна Македонија и Бугарија да ги поттикнеме, но такви се правилата и засега имаме само едногласно одлучување“, вели Аналена Бербок.

Премиерот Христијан Мицкоски, по многубројните билатерални средби што ги оствари за време на Берлинскиот процес, а меѓу нив и со канцеларот Олаф Шолц, рече дека е поголем оптимист за разлика од претходно.

„Убеден сум и посреќен сум дека после оваа посета во Берлин и после овој Самит, конечно и ние наскоро од денеска ќе бидеме дел од европското семејство“, вели Христијан Мицкоски.

Мицкоски претходно најави дека по посетата на Берлин ќе подготви писмо со предлог решенија за деблокада на евроинтегративниот процес, кое ќе го адресира до Брисел.