Берлин: ВМРО-ДПМНЕ да покаже волја, СДСМ – конструктивност

Пораки од Берлин до македонските политичари

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Официјален Берлин на македонскиот амбасадор во Германија му ја пренесе загриженоста за состојбите и побара од ВМРО ДПМНЕ да покаже волја во спроведување на договорот од Пржино, а од СДСМ да продолжи да се однесува конструктивно.
Специјалниот ополномоштеник за Западен Балкан, Турција и државите на ЕФТА, д-р Ернст Рајхел, на 28 октомври 2015 година го покани на разговор македонскиот амбасадор во Берлин, Сашо Марковски, во Mинистерството за надворешни работи, за да му ги пренесе разочарувањето и загриженоста на Сојузната Влада за имплементацијата на спогодбата од Пржино, која сѐ уште изостанува, соопшти Амбасадата на Германија во Македонија.

Како и петте амбасадори во својата изјава од 27 октомври 2015 година во Скопје, д-р Рајхел исто така истакна дека ВМРО-ДПМНЕ мора да ја покаже потребната волја и најбрзо што може конструктивно да ги спроведе Спогодбите од 2 јуни и 15 јули 2015 година.
Целта на Спогодбата е да се создадат еднакви шанси за сите партии за претстојните избори, пред сè, преку спроведувањето на препораките за реформи содржани во таканаречениот Прибе-извештај.
Понатамошно неспроведување ќе има последици врз оценувањето на земјата од страна на Европската Комисија во претстојниот извештај за напредок. Д-р Рајхел, исто така нагласи, дека СДСМ мора и понатаму да се однесува конструктивно и да се придржува до обврските преземени со спогодбата од Пржино, особено да не објавува понатамошни снимки од телефонски разговори, се вели во соопштението од амбасадата на СР Германија.