БЕСА и Алтернатива ги надминаа недоразбирањата, се очекува средба меѓу Гаши и Касами

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како што стојат работите, Беса и Алтернатива ги надминаа недоразбирањата. Централното раководство на Алтернатива даде зелено светло на нивниот претседател Африм Гаши за да ги почне разговорите за можна соработка со Беса.

„Централното раководство на ААА го овласти претседателот Африм Гаши за да ги почне разговорите за можна опозициска соработка, било тоа во Собрание или можни коалициски соработки.“, вели Орхан Муртезани, портпарол на Алтернатива.

Таков состанок одржа и Движење Беса. Ист сигнал му е даден и на лидерот на оваа партија Биљал Касами.

-Едногласно централното раководство на Движење Беса донесе одлука да го отвори патот за соработка со политичкиот субјект Алтернатива и од таа причина го овластивме претседателот Биљал Касами да оствари средба со претседателот на Алтернатива Африм Гаши и потоа да следат натамошните чекори за соработка-рече Абдуш Демири, генерален секретар на БЕСА.

Орхан Муртезани од Алтернатива вели дека овој вид соработка произлегува од барањето на многу граѓани кои сакаат да видат промена во албанскиот политички кампус.

-До оваа точка стигнавме како последица на слушањето на гласот и исклучително големото расположение кај граѓаните. Се надминуваме себеси за да ја овозможиме многуочекуваната промена кај албанските гласачи во албанското гласачко тело-изјави Муртезани.

И Беса и Алтернатива се подготвени за соработка без ограничувања.

-На состанокот на раководството е одлучено соработката да биде и во рамки на Собранието како и во локалната власт. Важно е ние да соработуваме со сите опозициски политички субјекти кои имаат за цел уривање на ДУИ од Владата-вели Демири.

Движење Беса и Алтернатива се подготвени за соработка и со фракцијата на ДУИ, Огнената група но најпрво чекаат фракцијата целосно да се одвои од ДУИ.