БЕСА се покаја за интерпелацијата против Груби, Зендели: Во иднина можеби ќе има, но сега не

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Како што се чини, Движењето Беса се покаја за интерпелацијата против првиот вицепремиер, Артан Груби. Иако вчера високи партиски структури неофицијално го потврдија тоа, денес пратеникот на Беса, Фадиљ Зендели, негираше.

-Денеска, вчера немаше ваква иницијатива и не сме најавиле дека ќе покренеме каква било интерпелација од ваков карактер-рече Зендели.

Зендели вели дека не може да преземе одговорност за информациите кои вчера кружеа во медиумите, а кои се однесуваа на интерпелацијата на Беса против Груби.

Сепак, тој не ја исклучува целосно идејата за интерпелација против Груб или кој било друг министер од ДУИ, бидејќи како што вели, секојдневно има мотиви за иницирање постапка за интерпелација.

-Ова лице, овој министер и ДУИ заслужуваат секојдневни интерпелации за нивните неуспешни политики, за многу аспекти на неуспесите што ги имаме во институциите, во нашето општество-изјави Зендели.

Зендели уверува дека во неговата партија нема несогласувања и додава дека не се во контакт со т.н. „огнена група“ во ДУИ.

-И како Движење Беса, и лично како пратеник, повеќе го гледаме како внатрешно прашање на ДУИ, прашање на внатрешно позиционирање и не гледаме дека има нешто поради што ние како политичка групација би требало да се занимаваме со внатрешните работи на ДУИ. Во моментов сметаме дека кога ќе има нешто ново од оваа група, што излегува вон она што го претставуваат досега, тогаш можеме да разговараме-вели Зендели.

Неофицијално, вчера, извори од Движење Беса рекоа дека в среда интерпелацијата против Груби ќе им биде доставена на незадоволните пратеници од ДУИ, Изет Меџити и Мерита Коџаџику.