Министерот за финансии Фатмир Бесими денес присуствуваше на состанокот со претседателот на Групацијата Светска банка и Холандската конституенца при Светска банка во која членува и Република Северна Македонија. Покрај претседателот на Светска банка, Дејвид Малпас, присуствуваа Ана Бјерде – потпретседател на Светска банка за Европа и Централна Азија, Георгина Бејкер – потпретседател во ИФЦ за Европа и Централна Азија и Кун Дејвидсе, извршен директор во Одборот на директори на Светска банка.
На средбата се говореше за поддршката на Светска банка во тринаесетте земји од Холандската конституенца, како и за справувањето со здравствената и економската криза предизвикана од пандемијата. Гувернерите на земјите ја потенцираа важноста на финансиската поддршка која банката ја обезбеди во изминатиот период како итен одговор на предизвиците настанати од кризата.
Министерот Бесими се осврна на досегашните три сета мерки, коишто Владата на Република Северна Македонија ги презеде како итен одговор во ублажување на ефектите од пандемијата и воедно на новиот четврти сет мерки во насока на заздравување на македонската економија.
По членството на земјата во НАТО и најавата за отпочнување на преговорите со ЕУ, како и периодот на политичка стабилност што следи, Владата на Република Северна Македонија ќе биде фокусирана на остварување одржлив, инклузивен раст преку продлабочување на структурните реформи во насока на зајакнување на конкурентноста на македонската економија.
Од страна на Претседателот Малпас и потпретседателките Бјерде и Бејкер беше потврдена поддршката која оваа меѓународна финансиска институција ќе ја обезбеди за регионот вклучително и за Република Северна Македонија, во форма на заеми и трансфер на знаење и јакнење на капацитетите на националните институции. Воедно беше потенцирана потребата од координиран пристап и партнерство со останатите финансиски институции како што се ММФ, ИФЦ, МИГА и финансиски институции од ЕУ. Исто така беше посочено дека во наредниот период фокусот ќе биде во зајакнување на развојот на човечкиот капитал, дигитализација и зголемена поддршка на приватниот сектор преку полесен пристап до финансирање.
На крај, министерот Бесими се заблагодари за досегашната поддршка која Република Северна Македонија ја добива од Групацијата Светска банка, имплементирана преку четири годишната Стратегија за соработка за 2019-2023 во чии што рамки се спроведуваат проекти од кои се очекува позитивен ефект врз економскиот раст.