Бесими: Со Предлог-Буџетот за 2022 година, со историски највисоко учество на капитални инвестиции, до реализација на Kоридорот 8 и 10 , кои ќе генерираат економски раст во време на криза

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Изградба на патната инфраструктура од Коридор 8 и Коридор 10, подобрување на условите во образованието, зелена транзиција, модернизација на земјоделското стопанство, се само дел од капиталните инвестиции предвидени со Предлог – Буџетот за 2022 година, кои се поставени на историски највисоко ниво и со чија реализација ќе се остварат повисоки стапки на економски раст. 

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Буџетот за 2022 година денеска на пленарна седница на Собрание во своето експозе истакна дека дополнетиот Предлог-Буџет на РС Македонија за 2022 година ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со донесените стратешки документи. Притоа, како што нагласи, „годинава очекуваме да ја завршиме согласно проектираниот раст на БДП од 4,1 процент, но со реална можност истиот да се надмине. Во 2022 година економскиот раст во земјата се очекува да забрза и да изнесува 4,6%, и тоа во услови на зголемување на инвестициите, раст на потрошувачката на солидно ниво и стабилизирање на надворешната побарувачка“.

„Пред нас се исправи потребата да одговориме на зголемените потреби на здравството, зелената агенда, дигиталната трансформација, иновациите и технолошкиот развој, фискалните импликации од кризата, а притоа да се спроведува фискална консолидација. За 2022 година имаме поставено амбициозна цел, која во контекст на предвидените политики, има солидни основи да биде остварлива“, истакна министерот Бесими.

Со Предлог-Буџетот за 2022 година вкупните расходи се планирани на 272,4 милијарди денари или 35,2% од БДП, додека вкупните приходи се планираат на 238,9 милијарди денари или 30,9% од БДП, при што дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3% од БДП, кој единствено ќе се користи за поддршка на значителниот дел од капиталните инвестиции кои изнесуваат 38,2 милијарди денари, а остатокот ќе се финансира од сопствени приходи.

„Поедноставно кажано во 2022 година ќе имаме “развоен буџет”. Развојната компонента на Буџетот се гледа преку зголемените средства за капитални расходи за околу 28,3% во однос на 2021 година или 8,4 милијарди денари повеќе се предвидени во 2022 година за капитални проекти. Со овој Предлог-Буџет го постигнуваме и “златното правило“ во јавните финансии. Во 2022 година капиталните инвестиции првпат во последнава деценија ќе бидат повисоки од буџетскиот дефицит, односно ќе позајмуваме само за инвестициски проекти. Капиталните инвестиции во 2022 година ќе имаат историски највисоко учество од 14% во вкупните буџетски расходи“, истакна Бесими.

Како позначајни министерот ги наведе автопатот од Коридор 8 и Коридор 10, односно делниците Тетово-Гостивар, Тебеништа – Струга – Ќафасан, Гостивар – Букојчани кои ќе се финансираат со буџетски средства и Букојчани-Кичево којшто ќе се финансира со средства од ЕБОР. Со средства од Буџетот ќе се финансира и изградбата на делницата Прилеп-Битола од Коридор 10, а со средства од ИПА ќе се имплементираат проектите за изградба на Скопје-Блаце и Градско-Дреново.

Во делот на железничката инфраструктура со Предлог-Буџетот за 2022 година се обезбедуваат средства и за реконструкција на железничката пруга на Коридор 10, како и делница Куманово – Бељаковце – Крива Паланка од Коридор 8. Во областа на гасификацијата, предвидено е изградба на магистрални гасоводи делница Скопје-Тетово, Гостивар – Кичево и делница Свети Николе – Велес. Се обезбедуваат средства и за инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи, набавка на медицинска опрема и реконструкција на Општа болница во Кичево.

Во насока на поддршка на земјоделскиот сектор предвидени се значителни капитални инвестиции за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

За зелената транзиција и подобро справување со климатските и еколошките предизвици во областа на животната средина е планирана новата Програма за зелен развој во износ од 3,6 милијарди денари, која ќе биде во насока на намалување на емисии на штетни гасови, подобар квалитет на вода, воздух и почва, како и користење на нови обновливи извори на енергија.

Во делот на образованието, како што посочи министерот, ќе отпочне Проект за реконструкција на студентските домови,  реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта како и подобрување на севкупните услови за учење на учениците во основните и средните училишта. За да се подобрат условите за учење во основното образование во земјата, со заем од Светска банка ќе продолжи финансирањето на реализацијата на Проектот за унапредување на основното образование во износ од 246 милиони денари.

За успешна реализација на капиталните расходи продолжува примената на КАПЕФ механизмот кој даде позитивни ефекти во делот на реализацијата годинава. Така, како што информира министерот, од почетокот на годинава реализирани се капитални расходи повисоки за 6,8 милијарди денари во однос на тој период лани или за 62,8% повеќе.

Воедно ќе се воведат инпут и аутпут индикатори за мерење на успешноста на проектите за петгодишен период.

Со дополнетиот Предлог-Буџет се вградени прифатените амандмани како од опозицијата така и од мнозинството, во вкупен износ од 382 милиони денари со коишто меѓу другото, се обезбедени средства во висина од 250 милиони денари за Интервентен фонд во земјоделството во Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој; 30 милиони денари за енергетска ефикасност кај домаќинствата; и остатокот за други проекти за животна средина и локален развој.

„Предложениот развоен буџет за 2022 година ќе обезбеди непречено финансирање на функциите на државата, но и силна финансиска поддршка за економското заздравување и забрзан, инклузивен и одржлив економски развој. Наредната, 2022 година ќе биде година на економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во овој Предлог-Буџет се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит, притоа во услови на се уште присутни ризици од пандемијата од Ковид 19 клучна ќе биде и грижата за заштита на здравјето на населението, а неизоставен дел е редовната исплата на плати, пензии и социјални надоместоци и поддршката на економијата“, рече министерот.