Без балансер и без Закон за правична застапеност – Фетаи: Вработувања ќе има, според уставното начело за правична застапеност

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Иако Уставниот суд го укина барањето за декларирање на етничката припадност а со тоа и Балансерот, и иако новиот закон за правична застапеност не е до никаде, вработувањата ќе продолжат. Тие ќе се вршат според начелото за правична и соодветна застапеност, тврди вицепремиерот за добро владеење, Арбен Фетаи.

„Се додека не најдеме ново законско решение, имаме предвид дека тоа важи за сите заедници во државата. Тоа не важи за одредена група туку е механизам кој веќе не важи за никого. Со ова не се запираат вработувањата, ќе продолжат вработувања по уставното начело на правична и соодветна застапеност, како што кажа уставниот суд, како што кажа и премиерот“, рече Арбен Фетаи.

Фетаи рече дека не го загрижува овој период на вакуум што е создаден, без балансер и се уште без закон, бидејќи како што додаде, важно е конечно да се донесе закон со кој ќе се преведе уставното начело на фер застапеност во законски обврски за институциите, со контролни механизми и механизми кои досега недостасуваа. На прашањето каков механизам смислиле за мерење на правичната застапеност во институциите според етничката припадност, во услови кога Уставниот суд го забрани барањето за изјаснување на етничката припадност, Фетаи не сакаше да открие детали, туку го спомена пописот на населението.

-Тоа што е важно да се истакне е дека основата за правична и соодветна застапеност, како насекаде во демократските земји, е последниот попис на населението. Бројките од таму се тие што се земаат како основа за правичната и соодветна застапеност ако во секоја нормална европска држава-вели Фетаи.

Пред две недели, гостин во Клик Плус беше првиот вицепремиер Изет Меџити кој говореше за евентуалните механизми од новиот закон и истакна дека “законот ќе содржи механизам како балансерот“. Тој додаде дека ова ќе има поголема тежина бидејќи во случај да не се почитва правичната застапеност, директорот на институцијата сноси одговорност за прекршување на законот.