Многуочекуваниот извештај од германските експерти за пожарот во модуларната болница во Тетово се уште не пристигнал во ЈО. Се уште не се знае дали причината за избувнувањето на пожарот може да биде евентуална грешка од човечки фактор. Во меѓувреме од ЈО велат дека интензивно се прибираат материјални и вербални докази за пожарот во модуларната болница во Тетово.
„По дадени насоки и наредби издадени од петмината обвинители, постапуваат надлежни органи и институции кои по преземање на дејствијата треба да ги достават побараните податоци и извештаи. Обвинителите повикаа голем број на лица кои можат да дадат потребни податоци за истрагата. Во таа насока обвинителите ќе продолжат со поканување и испитување на лица, чиј број во моментов е неможно да се прецизира. Се очекува пристигнување и на извештајот од извршеното вештачење од експертите од Република Германија“, велат од ЈО.
И Обвинителството за организиран криминал и корупција ги истражува можните пропусти при изградбата на модуларните болници во земјава. Сега за сега не даваат одговор кој е одговорен за надзор на објектот како и за техничкиот прием во овие болници, бидејќи, како што велат, предметот е се уште во предистражна постапка.
„Во интерес на постапката и почитување на начелото на пресумпција на невиност, сите активности и дејствија што се преземаат од страна на надлежните органи во текот на предистражната постапка се тајни, па согласно тоа јавноста ќе биде навремено информирана кога ќе можат да се споделат повеќе детали што нема да и попречат на постапката“, велат од Обвинителството.
Ноќта на 8 септември во пожарот во модуларната болница во Тетово, животот го загубија 14 лица а 12 беа повредени. Првичните информации за причините за несреќата од ЈО велат дека пожарот го предизвикал краток електричен спој на продолжен кабел каде бил вклучен дефибрилатор, полнач за телефон и уште еден друг уред.
