Дел од граѓаните на Тетово кои имаат неплатени сметки за отпад кон фирмата „Саубермахер“ и ЈКП „Шари“ плаќаат по 2.500 денари за нотарски услуги. Еден од тие граѓани е Сухел Јонузи, кој вели дека неправедно е плаќањето на нотарски трошоци поради доцнење во плаќањето на фактурите, бидејќи, како што вели, нема добиено никакви фактури.
„Двете компании не ги делат сметките. Не доаѓаат на адресите каде што живееме. Не само кај мене туку кај повеќето граѓани не стигнуваат и проблем се сите овие неплатени сметки, сега има екстремни дополнителни трошоци. Реално, немам добиено известување за неплатени фактури, нешто што се случува со ЈКП Шари. Имав неплатени сметки, добив опомена и отидов и ги платив. Проблемот со Саубермахер е што немам добиено никакви опомени, туку директно од нотарот. Првата сметка ја платив веднаш штом пристигна. Нивниот онлајн систем не покажува колку должите. И навистина, проблемот на компанијата е што не реагира навреме, не праќа фактури навреме и проблемот е дојден до тука“, вели Сухел Јонузи.
Го прашавме градоначалникот на Тетово, Биљал Касами. Тој вели дека граѓаните треба да знаат дека доколку не ги платат сметките ќе завршат на нотар, а потоа кај извршител.
„Тоа е процес што го спроведуваат сите јавни и приватни државни институции. За сите кои не ги плаќаат обврските, а врз основа на законска процедура, извршувањето мора да се врши преку овој нотарски процес. Доколку не добиле сметки и не добиле опомени, не може да се спроведе извршување и во судска постапка ќе го добијат случајот“, вели Биљал Касами.
Од петокот бараме информација од компанијата „Саубермахер“ за бројот на граѓани кои не ги платиле сметките и колку од нив завршиле на нотар. Досега, од оваа компанија не ни одговорија. Инаку, со доаѓањето на оваа компанија зголемена е и таксата за отпад. Претходно се плаќаше такса за секој член на семејството, а сега се по површина на станот, во метри квадратни.
