Без претставник на Влада и работодавачи не може, одложена седницата на Комисијата за утврдување на репрезентативност

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Одложена е седницата на Комисијата која што требаше да утврди кој синдикат е репрезентативен и со тоа да има право да биде дел од Економско социјалниот совет. Според информациите на ТВ21 по еден претставник од Владата и од Организацијата на работодавачи не можеле да присуствуваат, па затоа е предложен нов термин за одржување на состанокот на почетокот од наредната недела. Инаку, одложувањето во јавноста го отвори прашањето дали власта купува време, за да може да изврши дополнителен притисок врз одредени синдикални организации за да излезат од Сојузот на синдикати на Македонија, па овој синдикат да ја изгуби репрезентативноста, нешто што подолго време обвинуваат од ССМ.

„Денеска за жал, работниците можеби немаат толку голем проблем со владата и со работодавачите колку што имаат проблем со некои синдикалци, кои работат на нивна штета, работат минималната плата да не се зголеми, работат да не се добие репрезентативността и работат за да направат упади во синдикални организации, особено на локално ниво и во некои министерства, мислејќи дека на таков начин со коленичење пред функционерите или во функционерските кабинети ќе постигнат нешто, а на штета на работниците. Од коленичење болат само колениците“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

ССМ поради притисоците ги информираше европските и меѓународните синдикални организации, кои им дадоа поддршка. Инаку, битката кој ќе седи во Економско социјалниот совет е затоа што ова тело дава предлози за низа владини одлуки, меѓу кои е и висината на минималната плата. Токму ова прашање, беше жестока тема во јавноста каде остро се судрија ССМ и Владата. Освен за висината на минималецот, за што пред два дена протестираше ССМ, од овој синдикат обвинија дека одлуката за законското усогласување на минималната плата што се прави една годишно е донесено незаконски поради тоа што во ЕСС нема репрезентативен синдикат, бидејќи владата ги повлече членовите, па со новото именување го одложи формирањето на Комисијата. Владата пак вели дека се е законски околу усогласувањето.

„Но законот што предвидува, став 5 од член 4 на Законот за минимална плата, вели министерот за труд и социјална политика, по претходно мислење на Економско социјалниот совет, ја објавува висината на минималната бруто плата, усогласена согласно Ставот 1“, изјави Слободан Трендафилов, претседател на ССМ.

„Апсолутно е законска и сметам дека понатаму е оставен простор во тој дијалог социјален каде што е трипартитен, владата, работодавачите и синдикатите, доколку се договорат овие репрезентативни синдикати, ние тоа да го испочитуваме како влада“, изјави Марјан Ристески, заменик министер за економија и труд.

Инаку, по подолго време во јавноста се појави поранешниот претседател на ССМ, Живко Митревски, кој по осум години откако беше сменет, тврди дека треба да биде вратен на лидерската позиција бидејќи имал судска одлука за тоа. Во меѓувреме, од неговата смена до сега, ССМ имаше два лидера, односно два изборни циклуси.