Наградата на осмото издание „Гран при – Best of the Best“ за 2025 година ја освои пејачката Бесјана Касами, позната под уметничкото име Биг Мама.
Оваа награда од културно-уметничкиот спектакл што го организира Телевизија 21, Биг Мама ја нарече најубавиот подарок за оваа година.
„За крајот на годината ова може да биде најубавиот подарок и најголемата мотивација што може да му се даде на еден уметник, затоа сум многу благодарна“, истакна Бесјана Касами – Биг Мама.

Планови за 2026? Имаш ли нешто да ни откриеш?
„Јас за планови не зборувам, јас сум спонтан човек, тоа сите го знаат, така што кога и да правам планови, тие никогаш не ми излегуваат, туку се случува она што ќе се случи спонтано. Нормално, без планови нема визија, имаме нешта во глава и работиме на нив“, додаде Бесјана Касами – Биг Мама.
Актерката Елхаме Билали, веќе во пензија, исто така беше наградена, за што изрази голема среќа и рече дека ќе ја чува како бисер меѓу другите награди.
„Мислам дека за актерот никогаш не е доцна и јас и сега сум подготвена да работам што било, но не и да играм некоја млада девојка“, порача Елхаме Билали.
Меѓу многуте уметници и други личности од областа на културата, уметноста и медиумите, со награда беше одликувана и поетесата Етлева Тафа од Албанија.
„Најпосакуваната и најубавата награда за мене, уште повеќе што ја добивам токму во градот Скопје, каде што ги имам добиено и моите први поетски награди, е чест, бидејќи наградите секогаш те почитуваат“, вели Етлева Тафа.
Вкупно беа доделени 23 награди на оние што дале придонес во својата област и се истакнале во 2025 година, но и на институции, како Куќата на азбуката во Битола и Фестивалот на поезијата „Деновите на Наим“.
На овој спектакл беше оддадена почит и на починатиот пејач Шпат Касапи, кој во едно од претходните изданија бил добитник на Гран при.
