Претседател на фискалниот совет, Глигор Бишев во емисијата „Бизнис21“ на ТВ21 говореше за средствата од унгарскиот кредит кои се наметнати за стопанството.
Тој вели дека доколку банките не можат да ги вратат овие средства, тоа значи дека ги пласирале во непрофитабилни проекти.
„Ако вие немате профитабилен проект тогаш од една страна државата би останала задолжена а не би дошло до раст на БДП што е важно и за државата, и за компаниите, и за граѓаните бидејќи државата приходи остварува преку даноци и придонеси“, вели Бишев.
Според него, ако не сакаме да се зголемуваат даноците и придонесите потребно е да растат БДП односно профитабилноста на компаниите, платите на населението и при исти даночни стапки државата да остварува поголеми даночни приходи.
„Неможноста да се вратат овие средства од кредитот значи дека банките ги пласирале во непрофитабилни проекти, проекти кои што нема да го забрзаат економскиот раст што не е цел на Владата ни на банките“, додава Бишев.