Битиќи: Не се бара 60-часовна работна недела – се дефинира исплатата на прекувремената работа поголема од досега

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Утре започнуваат градежните работи на делниците од коридорите 8 и 10Д но се уште не е јасно од каде конзорциумот Бехтел и Енка ќе ја почне градбата. Во јавноста и натаму се дебатира за законските измени потребни за изградбата на коридорите. Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во Клик плус на ТВ21 вели дека измените што се поднесени во Собранието се потребни за надминување на проблемите од старите законски решенија. Како пример тој го наведува проектот на патот Букојчани – Кичево кој е изготвен пред 7 години а кој практично и не може да се изведе. Тогашните архитекти си седнале и со помош на Гугл мапс проектирал без да излезат да видат што има на тој терен, вели Битиќи.

„Нашите познати архитекти и проектанти го избрале најдоброто за нив решение. Но најдоброто решение поминува низ село и замислете низ едно село Букојчани и едно друго село пред Букојчани поминува автопат со 45 метри широчина во кој што треба да се дислоцираат 27 куќи во овој момент и гробишта 400 години стари. Ние сакавме пред две години да го објавиме тендерот, граѓаните велат, извинете а како ќе ни ги дислоцирате гробиштата?“, вели Фатмир Битиќи

Актуелната дебата за законските измени за работни односи дека е противуставна не е точна, тврди Битиќи, бидејќи не се бара воведување наместо 40 да има 60-часовна работна недела, туку да се дефинираат прекувремени часови работа и тоа да се однесува само на инвестиции од стратешки интерес.

„Во сегашното решение истото го има само што не е доречено. Во сегашното решение постои, вели да работникот ако се согласи да работи прекувремено еве член 117 прекувремена работа. Но законското сегашно решение вели има ограничување, колку часови прекувремено можат да бидат платени а тоа е 192 часа годишно. Дури ако има потреба и ако сака работникот да заработи повеќе законското решение вели извини не можеш. Дури и ако работиш повеќе своеволно законското решение вели дека не може ни да добиеш повеќе пари“, додава Фатмир Битиќи.

Од ВМРО-ДПМНЕ со обвинување дека за изградбата на коридорот ќе бидат ангажирани 70 посто странски работници без работни дозволи, а само 30 посто домашни. Потпретседателот на партијата Александар Николовски на својот фејсбук објави документи.

Ковачевски и Груби лажат дека најмалку 51 процент ќе бидат домашни работници иако јасно може да се види дека 70 отсто ќе бидат странци. Во вториот документ има два сегменти – точна бројка на странски и домашни работници кои ќе бидат ангажирани по години, како и уривањето на правната држава преку одобрението странци да работат без регулиран престој и почитување на законите“, порача Александар Николоски.

Од СДСМ излегоа со демант. Велат дека во законот каде се регулира ангажман на работници од дома и од странство јасно стои обврската да се користи најмалку 51 посто од локални ресурси.

„Тоа значи дека ако нашата земја има доволно локални ресурси односно работна сила, бројот на локално ангажираните ресурси може да биде и поголем од 51 отсто. Во член 13 пак, во став 1 јасно стои дека ангажираните работници мора да имаат потребни дозволи за престој и работа и согласно овој специјален Закон точно е утврдена оваа процедура односно она што стои во Договорот е согласно со законот“, порачаа од СДСМ.

Американско-турскиот конзорциум Бехтел и Енка треба да гради  четири автопатски делници од Коридорот 8 и 10-Д. Според договорот изградбата ќе чини околу 1,3 милијарди евра, а рокот за изведба е до 2027 година.