Бизнисите против, граѓаните за  – новиот закон за заштита од пушење предизвикува реакции

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Новата законска регулатива за заштита од пушење ги загрижи бизнисите, особено рестораните, кафулињата и баровите, кои изразуваат незадоволство и револт.

Многу сопственици на локали со кои разговаравме во Кичево не сакаа да се изјаснат  пред камера, но зад неа ни рекоа дека забраната може да ја намали посетеноста и добивките во нивните локали, грижeјќи се за економските последици во веќе чувствителен сектор.

Сепак, за разлика од бизнисите, мнозинството граѓани го поздравуваат овој закон, гледајќи го како победа за здравјето и квалитетот на животот.

„Мислам дека каде што се почитува, треба да се почитува и кај нас“.

 „Да се преземат поригорозни мерки и тутунот да се забрани. Законот да го донесе владата што побрзо, а не да се одолговлекува во интерес на приватните бизниси и локали, затоа што овде се оштетуваат непушачите. Во локал со 50 лица, 10 се непушачи, 40 пушачи, а тие што не пушат го вдишуваат чадот од пушачите“.

 „Јас сум против тутунот и треба да се забрани насекаде“.

„И јас мислам дека треба да се забрани што побрзо, не треба да се чека 1 март“.

Пред неколку дена, преку заедничка изјава, сопствениците на мали бизниси реагираа на нацрт-законот за заштита од пушење, изразувајќи загриженост за последиците што ова законско решение би ги предизвикало врз нивната трговска дејност. Тие предупредуваат дека повеќе од 4.000 мали бизниси, како киосци и мини маркети, се во ризик да затворат.

Од друга страна, Министерството за здравство истакнува дека законот предвидува мерки за зголемување на јавната свесност и поддршка за прекин на зависноста од тутун, бидејќи зависноста од никотин е проблем за јавното здравје, а превенцијата е поефикасна и поекономична од третманот.