Блокиран патот кој води до депонијата Русино, закани по живот до еден активист, директорот негира

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Денеска блокирана улицата која води до депонијата Русино во Гостивар.  Ќе биде блокирана 10 дена по ред, со 24 дежурства од граѓанската иницијатива Стоп Русино. За таа цел поставија и шатори каде ќе престојуваат активистите. Блокадата се однесува на сите возила кои превезуваат отпад, вклучувајќи ги и тие на Општина Гостивар.

Доколку не се исполнат барањата, блокадите ќе продолжат вели Матески кој вчера рече дека  “животот му е во опасност и дека лично му се заканил директорот на Комунална хигиена Гостивар, Исак Љазами“.

Случајот го пријавил во полиција.

„На 1 август околу 19:50 часот во СВР Тетово, лицето Д.М. (32) од Гостивар кој се претстави како активист на граѓанската иницијатива Стоп Русино побара посредство од полицијата, бидејќи според тоа што го кажа, лицето со име И. , му упатил закани по живот, дека ќе го убие и ќе го фрли во депонијата. Се преземаат мерки и активности за расчистување и документирање на случајот.“, велат од СВР Тетово.

Директорот на КХ Гостивар Исак Љазими негира дека му се заканувал на Матески.

„Полицијата ме повика бидејќи лицето кое ме пријавило ме обвинува дека јас сум му се заканувал по живот, што не е вистина.“, рече Љазими.

Што се однесува до блокадата на патот кој води до депонијата Русино, Љазими вели дека како и сите гостиварци така и тој би сакал да има современа депонија со европски стандарди на која се работи но сега за сега нема друга алтернатива.

„Тоа е регионална депонија за која исто каки и тие и јас не се согласувам. Ги поддржував на јавните дебати дека и јас стојам зад нив за оваа иницијатива и депонијата да функционира само за Гостивар, а додека за Гостивар нема друга алтернатива ние нормално тука треба да функционираме, каде да го носиме отпадот од Гостивар додека нема алтернативна депонија?“, прашува Љазими.

Поради оваа депонија, често пати Гостивар е во чад поради палењето на отпадот.

Самиот градоначалник на Гостивар ја нарече оваа депонија еколошка катастрофа, но општината нема надлежности врз неа, затоа реагира само кога депонијата се пали, ангажирајќи пожарникари за гасење на огнот потоа. Надлежностите за сите регионални депонии ги има Владата.