Бодигард на премиерот е во притвор – оддавал службени тајни за 50 илјади евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Триесетдневен притвор му е определен на бодигард на премиерот Христијан Мицкоски. Станува збор за велешанец од Шестата управа на МВР кој оддавал службени тајни. Од Обвинителството велат дека тајните не биле оддавани на нарко босови од кланот од Грчец, како што пишуваа дел од медиумите. Бодигардот падна во акција на полицијата на паркинг пред хотел во Велес, а во претреси се одземени повеќе уреди и службени документи, кои не требало да бидат во негови раце.

„Осомничениот од користољубие, а со цел да бидат објавени на социјалните мрежи, сторил достапни службени документи што претставуваат службена тајна, со цел да прибави паричен износ од 50.000 евра од лицето за кое се однесувале документите“, велат од Обвинителството за гонење на организиран криминал.

Од Владата истакнаа дека истрагата е во тек и безбедноста на Мицкоски не е загрозена. Опозицијата пак, бара истрагата да се прошири.

„МВР кажа дека член на обезбедувањето на премиерот Мицкоски е уапсен токму поради издавање на тајни информации и тоа на група во Грчец, но она што не го кажува МВР, што останува како мистерија, е тоа дека членот на обезбедување, коешто го направил лично Мицкоски, нема никаков пристап до тајните информации. Кој му ги доставувал тие информации?“ – изјави Богданка Кузеска од СДСМ.

Од ВМРО-ДПМНЕ одговорија дека е лицемерно СДСМ да реагира кога се апсат оние кои несовесно се однесуваат во службата.

„Наместо да ја поздрават акцијата на МВР и да научат како државата мора да ги победува тие кои ја злоупотребуваат, СДС како дете на кое ништо не може да му се погоди, само реагираат колку да кажат нешто“, изјави Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Инаку, за делото „оддавање на службена тајна“ Кривичниот законик предвидува затворска казна од една до 20 години.