Бомби експлодираа во близина на израелската амбасада во Копенхаген

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Данската полиција соопшти дека истражува две експлозии во близина на израелската амбасада и дека привела тројца млади момчиња на сослушување, додавајќи дека експлозиите најверојатно биле резултат на активирање бомби. Двајца млади момчиња беа уапсени во возот на централната станица во Копенхаген, додека третиот беше уапсен веднаш по експлозиите, изјави за новинарите началникот на полицијата Јенс Јесперсен.

Две рачни гранати најверојатно ги предизвикале експлозиите што предизвикале штета на зграда на околу 100 метри од амбасадата, додаде тој. „Не можеме со сигурност да кажеме дека амбасадата била цел на тие експлозии. Истражуваме и дали тие дејствувале сами, на барање на некој друг или заедно“, рече Јесперсен.

Тој одби да каже како тројцата млади момчиња, на возраст меѓу 15 и 20 години, се поврзани со инцидентот, но рече дека полицијата ќе поднесе прелиминарна пријава за нелегално поседување оружје. Оваа година, најмалку 10 Швеѓани се обвинети во Данска за обид за убиство или поседување оружје. Тоа предизвика тревога и остри критики во општеството во однос на ширењето на организираниот криминал.

Разузнавачите помагаат во истрагата

„Шокирани сме од она што се случи. Никој не е повреден и никој немаше во амбасадата во моментот на експлозиите“, изјави портпаролот на амбасадата. Данските безбедносни и разузнавачки служби и помагаат на полицијата во истрагата и размислуваат за зголемување на нивото на безбедност околу институциите поврзани со еврејската заедница.

Каролинесколен, еврејско училиште во Копенхаген, ќе остане затворено во среда поради неговата близина до местото на злосторството. Во соседна Шведска веќе имаше неколку слични инциденти во близина на израелската амбасада.

Шведските власти потврдија дека полицијата спречила неколку планирани напади режирани од иранските безбедносни служби со помош на локални криминални мрежи. Иран ги нарече шведските обвинувања „неосновани“.