Борел: „Ако сакате во ЕУ, потребни се уставни измени“ – на лидерската во понеделник ќе се разговара и за уставните уставните измени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Крајот на ноември до кога беше поставен тајмингот за усвојување на уставните измени веќе изминува, но условот за продолжување на европскиот пат на земјава и натаму не е исполнет. Со тоа неизвесно е дали Македонија ќе се најде на агендата на декемврискиот Самит на Европската унија за кога беше предвидено со исполнување на обврската за уставните измени да се одржи Втората меѓувладина конференција и со тоа да ги продолжиме преговорите. Потпретседателот на Европската комисија Жозеп Борел кој синоќа имаше средба со премиерот Ковачевски повторно напомена дека доколку сакаме да станеме дел од Европската унија треба да се донесат измените на Уставот.

„Со цел да напредувате во пристапните преговори ќе биде од клучно значење да постои соработка, да се избегне политичката поделеност и да се слуша Европската унија. Не треба да постои политичка поделеност на прашањата за Европската унија. Ако сакате да одите по патот на Европската унија тогаш мора да го завршите процесот на усвојување на уставните измени и да напредувате за клучните реформи.“, рече Борел.

Премиерот Ковачевски на разговорите со Борел рекол дека Макеадонија има јасна евроинтеграциска определба и се работи на воведување европски стандарди и вредности. За уставните измени односно за тоа дали ќе се продолжат преговорите со Европската унија најави дека ќе се разговара и на лидерската средба на која треба да се формализира датумот на изборите.

„Ќе биде испратена покана за лидерска средба до сите претседатели на парламентарните политички партии како и до претседателот на Собранието. Средбата ќе биде закажана за понеделник и на истата ќе разговараме за евроинтеграцијата на Северна Македонија, ќе разговараме за одржувањето на редовните претседателски и парламентарни избори, како и за измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ ОДИХР“, изјави КОвачевски.

А евроинтеграцијата на земјава беше тема и на утринската средба меѓу унгарскиот министер за надворешни работи Петер Сијарто со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски која се одржа во партиските простории. Во соопштението од партијата се наведува дека Мицкоски забележал дека Македонија е премногу долго надвор од Европската унија, но нема ниту збор за исполнувањето на обврската за промена на Уставот која е блокирана токму од ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски посочи дека Македонија е предолго надвор од ЕУ, меѓу другото и поради неразумни билатерални пречки со што сериозно се разнишува и кредибилноста на самиот интегрирачки процес и со право се зголемува чувството за двојни аршини кога станува збор за стратешките евроинтегративни процеси.

Уставните измени требаше да се усвојат до крајот на ноември за во декември на Самитот на Европската унија да ги продолжиме преговорите, но со измените не се согласуваат од ВМРО-ДПМНЕ кои велат дека се под бугарски диктат.