Шефот на дипломатијата на Европската унија, Жозеп Борел денеска изрази надеж дека земјите-членки на ЕУ ќе и дозволат на Украина да користи ракети со долг дострел за напади во Русија, пренесе Ројтерс.
„Повторив дека Украина треба да може да го користи оружјето што и го дадовме, не само за да ги сопре нападите, туку и да ги нападне агресорите. Сè уште верувам дека тоа е она што треба да се направи. Сигурен сум дека повторно ќе разговараме. Се надевам дека земјите-членки ќе се договорат за тоа“, рече Борел во пресрет на средбата со министрите за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ.
Според пишувањето на „Њујорк тајмс“ и наводите на Ројтерс и некои други медиуми, администрацијата на претседателот во заминување Џозеф Бајден во неделата ја овластила Украина да користи крстаречки ракети со долг дострел ATACMS за напади длабоко во руска територија.