Во интервју за германски Франкфуртер алгемајне цајтунг бугарскиот премиер Борисов, по новинарско прашање за тоа дали има излез од актуелната ситуација во која Софија го блокира почетокот на преговорите, појасни дека како проблем меѓудругото, се тврдењата за македонско малцинство во Бугарија.
„Единствена држава, која би сакала да почне преговори за приклучување кон ЕУ со Северна Македонија, дури и повеќе од Германија е Бугарија, но за мене беше големо изненадување што неодамнешната резолуција на Европскиот парламент за Бугарија го покрена прашањето за наводното македонско малцинство во Бугарија“, вели бугарскиот премиер Бојко Борисов во интервјуто.
Тој вели дека во Бугарија нема македонско малцинство.
„Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство треба да има во Бугарија? Јас не познавам такво малцинство. Од резолуцијата дознав дека има такво. И со оглед на тоа што бугарските социјалисти во ЕП ја поддржаа резолуцијата очигледно тие исто така сметаат дека такво малцинство живее кај нас. Наместо да водиме позитивна дебата за европскиот пат на Република Северна Македонија, сега се насочуваме кон сосема поинаква дебата. Сакам да напоменам дека навистина ме вознемири насоката во која се развија настаните“, изјави Борисов за ФАЦ.
Борисов нагласува дека компромис со Северна Македонија е можен, но вели дека е потребно да се познава историјата.
„Можен е компромис. Посветен сум на ова со сите сили. Правиме што можеме за нашата комисија на историчари да најде компромиси. Отсекогаш сум велел дека иднината е важна. Но, исто така треба да знаете историја. По Втората светска војна, бугарските комунисти и комунистичката интернационала контролирани од сталинистичка Москва, сакаа Бугарите во Македонија да ги претворат насилно во Македонци од идеолошки причини. Бугарите таму беа принудени да се нарекуваат Македонци. Доколку се појават одредени погрешни прикази во текот на процесот на пристапување во ЕУ, а јас не реагирам, моите политички противници ќе речат: Борисов ја продава бугарската историја и се поклонува на притисоците од европските партнери“, вели Борисов.
