Борисов: Бугарите принудно станале Македонци – Рикер до Заев: Решение да се бара надвор од процесот на ЕУ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во интервјуто за германскиот весник Франкфуртер Алгемајне Цајтунг, бугарскиот премиер Бојко Борисов и покрај тоа што повтори дека Софија многу сакала Скопје да ги почне преговорите, сепак и натаму ги поставува идентитетските прашања како отворени. На прашањето околу ветото кон Македонија тој вели дека историјата е важна и притоа тврди дека Македонците порано биле Бугари.  

„Бугарските комунисти и Комунистичка интернационала, контролирана од сталинистичка Москва беа виновни затоа што насила ги преобразија Бугарите во Македонци по Втората светска војна. Бугарите беа принудени да се нарекуваат Македонци. Доколку сега во процесот на приклучување кон Европската унија се појават одредени погрешни тврдења и јас не реагирам, моите политички опоненти ќе кажат Борисов ја продава бугарската историја и подлегнува на притисоците на европските партнери“, истакна Бојко Борисов.

На прашањето  за тоа дали има излез од актуелната состојба во која Софија го блокира почетокот на преговорите Борисов одговори со тоа дека не постои македонско малцинство во Бугарија.

„За мене беше големо изненадување последната Резолуција на Европскиот парламент за Бугарија во која беше отворена темата за наводно македонско малцинство во Бугарија. Во Бугарија нема македонско малцинство. Какво македонско малцинство, ве молам да има во Бугарија. Јас не познавам такво. За првпат од таа Резолуција дознав дека такво нешто постои“, додава Бојко Борисов.

Веднаш по објавувањето на интервјуто, Заев објави статус  во кој порачува дека немаме само етничка и идентитетска разлика. И покрај тоа што не го споменува интервјуто порачува дека потребен е исчекор кон решавање на проблемите а не навреди и омраза.

„Јас сум Македонец кој зборува македонски јазик, признат од целиот свет. Каракачанов е Бугарин кој зборува бугарски јазик признат од целиот свет. Но етничката и идентитетската разлика не е единствената меѓу нас. Јас работам на доближување на ставовите околу разликите и знам дека тоа е можно само преку размена на идеи и мислења, а не преку навреди и недолични пораки. Нашите народи очекуваат исчекор кон пријателство а не говор на омраза“, порача Зоран Заев.

Помошник државниот секретар на Соединетите Американски Држави Филип Рикер до премиерот Заев упати писмо со пораки на поддршка во како што истакна настојувањето заедно со европските партнери за одржување на Меѓувладината конференција со Северна Македонија за време на германското претседателство.

„Ве охрабруваме и вас и земјите членки на Европската унија да продолжите да барате решение за билатералните прашања надвор од процесот за интеграција на вашата земја во ЕУ и да остварувате прогрес во овие аспирации со отворање и затворање на поглавјата во преговорите“, вели Филип Рикер.

Советот за општи работи треба да се одржи на 8 декември на која ќе се знае дали ќе биде одржана првата Меѓувладина конференција со што и практично ќе ги започнеме преговорите со Европската унија или Бугарија повторно ќе не блокира.