Министерката за енергетика Сања Божиновска, ја поздрави одлуката на Регулаторната комисија за енергетика, за минимално покачување на цената на електричната енергија.
„Ја поздравувам одлуката и одговорниот пристап на Регулаторната комисија за енергетика, која како независно тело, донесе одлука за минимално, односно незначително, покачување на цената на електричната енергија за домаќинствата. Посебно сум задоволна заради минималното покачување од 0,68% за првиот блок на потрошувачи, кои сочинуваат скоро 80% од вкупниот број на домаќинства. Исто така за поздравување е и тоа што просечно покачување е од незначителни 0,92% на цената на електричната енергија за домаќинствата.
Оваа одлука секако е резултат на посветената соработка помеѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, АД ЕСМ – најголемиот производител на електрична енергија во државата, и останатите компании од енергетскиот сектор. Со заеднички напори успеавме да обезбедиме стабилно снабдување со електрична енергија и одржување на ценовната стабилност, дури и во услови на глобални енергетски предизвици. На тој начин помагаме на животниот стандард на граѓаните.
Посветеноста на АД ЕСМ кон ефикасното управување со ресурсите претставува клучен фактор за овој успех. Во изминатиот период со сериозен и одговорен пристап значително ги подобривме работните процеси во енергетските капацитите во насока на намалување на трошоците, што има значаен допринос кон одржување на ценовната стабилност, но и сигурност и стабилност на енергетскиот систем на нашата земја. Наследивме неповолни договори од минатото, големи долгови, неподготвени енергетски капацитети и други неповолни состојби кои успешно ги решаваме.
Како Министерство, остануваме фокусирани на развој и имплементација на долгорочни стратегии, како и зголемување на домашното производство на електрична енергија што ќе допринесе за ценовна стабилност. Среќни сме што првичните значајни резултати од нашата работа почнуваат да се видливи за сите.“, соопшти Божиновска.