Цената на електричната енергија нема да се зголеми до крајот на годинава, уверува министерката за енергетика Сања Божиновска. Според неа, граѓаните ќе имаат стабилни и сигурни испораки на електрична енергија без дополнителни финансиски оптоварувања.
„Тоа значи дека цела оваа година цената ќе остане промената. Значи, тоа се луѓе кои ќе имаат дома топлина, светлина во училниците, енергија за своите бизниси“, рече Божиновска.

Во однос на хидроцентралите Чебрен и Галиште, Божиновска појасни дека тие се дел од визијата за енергетска независност. Сè уште се разгледуваат моделите за реализација, а конечната одлука ќе зависи од финансиските пресметки и интересот на инвеститорите. Се предвидува дека цената може да биде околу една милијарда и 300 милиони евра.
„Потоа ќе видиме дали ќе биде 100 проценти наш или евентуално јавно приватно партнерство. Се надевам дека за некој краток временски период ќе знаеме дефинитивно“, изјави Божиновска.

Што се однесува до проектот Вардарска долина, министерката порача дека државата не се откажува од планот за користење на хидропотенцијалот на реката Вардар, иако процесот е комплексен и долготраен. Овој проект е во колизија со дел од трасата за брзата пруга кој ќе треба да се гради со британскиот кредит. Инаку, Вардарска долина предвидува изградба на 12 хидроцентрали по течението на оваа река.
„ Значи, од ништо не сме се откажале од нешто што за Македонија значи бенефит.“, кажа министерката.

Во моментов РЕК Битола работи со два блока, а надлежните служби го истражуваат неодамнешниот пожар. Ваквата состојба предизвика зголемен увоз на електрична енергија, по драстично повисоки цени од пазарните, што се одрази со високи трошоци за државата. Божиновска немаше објаснување зошто се плаќало поскапо.
