Бразилската полиција во четвртокот побара покренување обвинение против поранешниот претседател Жаир Болсонаро за заговор за „државен удар“ во 2022 година во обид да го спречи сегашниот лидер Луис Инасио Лула да Силва да ја преземе функцијата.
Полициските иследници заклучија дека Болсонаро и уште 36 лица планирале „насилно рушење на демократската држава“, се вели во полициското соопштение.
„Во четвртокот федералната полиција заврши истрага за постоење на криминална организација која дејствувала координирано во 2022 година во обид да го задржи тогашниот претседател на власт“, се вели во соопштението.
„Конечниот извештај е испратен до Врховниот суд со барање за обвинение против 37 лица за кривични дела насилно уривање на демократска држава, државен удар и криминална организација“, стои во соопштението.
